Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на државата на патот кон Европската Унија, Агенцијата за катастар на недвижности доби високи и позитивни оценки за своето работење.
Во извештајот, меѓу другото, се наведува:
„Катастарската управа воведе нови дигитални услуги за јавноста, со што го намали бројот на нерешени предмети за 20% во споредба со 2024 година и го намали вкупниот број на примени предмети за 10%. Регистрацијата на земјиштето и недвижностите е завршена, а ласерското скенирање е имплементирано на национално ниво.“
Коментирајќи го извештајот, директорот на Агенцијата, Иван Живковски, потенцираше дека ваквата оценка претставува потврда за сериозниот, одговорен и резултатен пристап во работата на институцијата.
„Ова е јасен показател дека Агенцијата за катастар се движи во вистинска насока. Докажавме дека со посветена работа, ред и професионализам може да се постигнат конкретни резултати. Пред нас стојат уште многу обврски, но оваа оценка е поттик да продолжиме со уште поголем интензитет“, истакна директорот Живковски.