Општина Битола со збратимените градови денеска го одбележува и слави 4-ти Ноември, денот кога во 1944 година борците од 49-тата дивизија на Народноослободителната војска и Партизанските одреди во чиј состав биле борците од Седмата битолска бригада го ослободиле градот од окупаторот.
Како што е познато, по капитулацијата на Бугарија, во Битола и околината останале само германски воени единици кои се повлекувале кон Грција и Албанија, но по извршениот напад од Битолско-преспанскиот партизански одред непријателската сили биле уништени и градот во утринските часови, на 4-ти Ноември бил ослободен.
За време на народноослободителната и антифашистичка војна на Македонија против бугарските, италијанските и германските окупатори, околу 270 борци од Битола и Битолско ги положија своите животи, а на споменикот на паднатите борци на партизанските гробишта во Битола е напишано -со вашиот хероизам ја победивте смртта.
Според востановената традиција делегации на Општина Битола, збратимените градови и Сојуз на борци денеска ќе положат цвеќе пред спомениците на народните херои, а потоа ќе учествуваат на празничните активности подготвени од повеќе организации, асоцијации и здруженија на граѓани.
Вечер во битолскиот театар ќе се одржи свечена академија на која ќе биде доделена наградата за животно дело која годинава му припадна на ликовниот уметник Панде Петровски.