Чулев вели дека целава состојба, каде што македонските граѓани во нехумани услови, на минусни температури чекаат со саати за да се сликаат за нови лични документи не е случајна. Додава дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски намерно го повторува хаосот со документи пред новата Техничка влада, како што беше тоа случај и во 2020 година кога тој беше министер за внатрешни работи во тогашната Техничка влада.
И сега како и тогаш, нема доволен број на обрасци за нови пасоши за да ги задоволат потребите на заинтересираните граѓани, постоечките се при крај, а новите обрасци се очекува да пристигнат на средината на март.
„2020 година на 3-ти јануари беше изгласана техничка влада. Прв проблем со кој се соочивме беше немањето обрасци за пасоши, и тоа беше огромен проблем кој со судни маки успеавме да го решиме, и на најитен начин беа доставени количини на пасоши. Чудна коинциденција и јас би рекол не е случајност дека после четири години речиси истиот месец, воочи на парламентарни избори и на нова Техничка влада, се случува истиот проблем. Долги редици на граѓани кои се борат во нехумани услови и минимални, ниски температури да извадат пасош, а проблемот е што немаме обрасци за пасоши. Дури на средината на март треба да стигнат нови. Друг проблем е самото подигнување на пасоши, има целосна неорганизација, има голем дел изгубени пасоши, со погрешни податоци“, рече Чулев.
Во однос на имињата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ кои треба да бидат дел од новата техничка влада, Чулев рече дека до крајот на следната недела партијата ќе ги објави.
„Имаше состанок на ИК и на ЦК на партијата, и беа донесени одлуки, за кои што информиравме, но од позначајните одлуки беше утврден списокот на делегати кои ќе гласаат за избор на претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, исто така донесена одлука ВМРО-ДПМНЕ да учествува во Техничката влада, да гласа воздржано за гласањето за владата, и претседателот Мицкоски има право да ги утврди кандидатите во идната влада“, изјави Чулев.