Познатата норвешка ракометарка Камила Херем (39), двократна олимписка шампионка и една од најтрофејните спортистки во историјата на женскиот ракомет која во минатото го носеше дресот на ЖРК Вардар, неодамна се врати на терен по тешкиот период во кој ѝ беше дијагностициран рак на дојка.
Нејзиното враќање, кое беше пречекано со аплауз и поддршка од целата спортска јавност, беше засенето од непримерен инцидент во Норвешка, кој предизвика лавина реакции. Херем, која настапува за клубот Сола, го одигра својот втор натпревар по враќањето минатата недела, во гостувањето против Џерпeн во градот Скиен.
За време на преносот, спортскиот коментатор Том Гуликсен даде навредлив и нечуствителен коментар поврзан со изгледот на ракометарката, која поради хемотерапијата останала без коса. „Па, барем нема потреба да ја суши косата со фен,“, кажа Гуликсен на шега.
Оваа изјава предизвика огромен гнев кај публиката и гледачите, а реакциите во јавноста не доцнеа.
Сите ѝ се извинија на Камила Херем, признавајќи дека коментарот бил „непрофесионален и навредлив“.
Сепак, по серијата остри критики и осуди на социјалните мрежи, Том Гуликсен доби отказ од медиумската куќа што го ангажирала за преносот.