Поранешниот возач на Ферари, Фелипе Маса, официјално започна судски процес во Лондон во вредност од околу 73 милиони евра, обвинувајќи дека бил жртва на „намерна измама“ која го спречила да стане светски шампион во Формула 1 во сезоната 2008. година.
Тогаш, титулата ја освои Луис Хамилтон со само еден бод повеќе од Бразилецот, но Маса тврди дека контроверзниот настан на Големата награда на Сингапур неправедно го лишил од заслужената титула.
Скандалот познат како „Крашгејт“ е еден од најголемите во историјата на Формула 1. На трката во Сингапур, Маса водеше кога возачот на Рено, Нелсон Пикет Џуниор, во 14-тиот круг намерно се удри во ѕидот, предизвикувајќи излегување на безбедносното возило.
Настанатиот хаос доведе до катастрофална грешка на боксот на Ферари – тимот го пушти Масa прерано од сервисот со цревото за гориво сè уште прикачено, поради што тој изгуби драгоцено време и на крај остана без бодови.
Основата на тужбата е наводното признание на поранешниот прв човек на Формула 1, Берни Еклстоун. Според тврдењата на Масa, 95-годишниот Еклстоун во едно интервју во 2023 година признал дека тој и тогашниот претседател на ФИА, Макс Мозли, знаеле дека несреќата на Пикет била намерна, но не реагирале со цел да го заштитат угледот на спортот.
Маса сега бара компензација од 64 милиони фунти (околу 73 милиони евра), плус камати, тврдејќи дека резултатите од таа трка требало да бидат поништени. Ако тоа се случело, Хамилтон би изгубил шест бодови, а шампионската титула ќе му припаднела на Маса.