Во мај, 2022-та, објавив два текста по повод подмолниот обид за бришење на Македонската Православна Црква, од страна на грчката црква од Цариград (самопрогласена Вселенска Патријаршија), преку писмо-соопштение, во кое се вели дека под претседателство на Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, а по “повторените повици од државата на Северна Македонија“ Светиот и Свештен Синод одлучил дека:
“1. Ја прима во евхаристичко општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква од Архиепископот г. г. Стефан…
- Како име на оваа Црква го признава “Охридска“ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено и вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот “Македонска“, или друга изведенка од зборот “Македонија“.
Истиот ракопис повторно во бришење на се’ македонско.
Повеќе од видливо, она што не сакаат да го прочитаат политичарите и црковниот врв во државава, е дека со истиот ракопис е пишуван и Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје и писмото-соопштение од грчката црква со седиште во Цариград, претставена како Вселенска Патријаршија. Поточно речено, ракописот од Ленгли (Ленгли – седиштето на ЦИА) доставен до своите испостави во Атина и Цариград, со кој се говори за државата и Црквата на “Северна Македонија“. Ракопис, со кој беше укинато постоењето на македонската држава, македонската нација и сега, конечно, Македонската Православна Црква…“
Во вториот текст објаснувам дека:
“Денес, грчката црква (Вселенска Патријаршија) територијално се протега во Истанбул, Света Гора, Крит, дел од Северна Грција, Кореја и, грчките и украинските цркви во дијаспората.
Таа има 525 парохии во САД (поради тоа е под целосно влијание на Ленгли) и 1 800 во Света Гора, со околу 5 000 верници во Турција, 3 800 000 во Грција и околу 1 500 000 во дијаспората.
Меѓу другото, како подготовка на ова што денес се случува во Украина, самопрогласената Вселенска Патријаршија во 2018 година даде автокефалност на нововоспоставената Православна Црква на Украина (ПЦУ), признаена само од Грчката и Кипарската Православна Црква. И еве, веќе четири години управува со украинските цркви во дијаспората.“
ЈАС ТЕБЕ “ВОЈВОДО“, ТИ МЕНЕ “СЕРДАРЕ“
Сакав да потсетам на текстовите објавени во мај 2022-та, каде што јавно укажувам на идентичноста на ракописот со кој беше реализиран Договорот од Преспа и писмото-соопштение на грчката црква од Цариград, ракопис кој ја носи специфичноста на американските разузнавачки служби, посебно на онаа од Ленгли – ЦИА. Или, најпрецизно речено, дека обете одлуки се напишани во Ленгли и дадени на извршување на своите подизведувачи во Атина и Цариград.
Зошто токму деновиве се потсетувам на овие мои тврдења?
Затоа што пред 10 дена, на 18 октомври годинава, грчката црква од Цариград (самопрогласената Вселенска Патријаршија) ја додели наградата за човекови права “Атинагора“ на поранешниот директор токму на американската разузнавачка служба ЦИА и поранешен државен секретар на САД Мајк Помпео, за неговата “постојана заложба за верска слобода“. (Мајк Помпео, колку за информација, беше директор на ЦИА од јануари 2017 до април 2018 година, или, токму во време на потпишување на Преспанскиот договор).
Во својата порака по повод настанот грчкиот Патријарх Вартоломеј за “војводата“ Помпео изјавил дека “е препознаен по својата доследна заложба за верска слобода и неговата непоколеблива поддршка на Вселенската Патријаршија и другите верски малцинства , за време на неговата истакната јавна служба“.
Помпео, пак, во своето обраќање, го пофалил “сердарот“ Вартоломеј за “доделувањето на автокефалија на Православната Црква на Украина (ПЦУ)“.
Притоа, за жал, не можејќи да се воздржи а да не изјави дека канонската Украинска Православна Црква претставува “шпионска мрежа во рамките на Украина“.
За да не остане нешто нејасно, меѓу претходните добитници на наградата од грчката црква од Цариград, управувана од ЦИА, се рускиот дисидент Јулија Навална, претстоителот на ПЦУ Епифаниј, поставен токму од Вартоломеј во обидот да се уништи канонската Украинска Православна Црква, поранешните американски претседатели Џо Бајден, Џими Картер, Џорџ Буш… како и човекот кој го овозможи растурањето на Советскиот Сојуз, Михаил Горбачов.
За крај, соработката на ЦИА и грчката црква од Цариград продолжува уште поинтензивно бидејќи целта е заедничка – источното христијанство, Православието, по урнекот на западното христијанство, наместо богоцентричноста според која се владее, да воспостави човекоцентричност, со што ќе се подели и уништи.
Зашто, човекоцентричноста на Римокатолицизмот, каде Енцикликите на Папата имаат формат на врховна заповед, овозможи издвојување на Протестантизмот, Калвинизмот, Англиканизмот… но и атомизирање на верата преку илјадници секти раширени низ светот.
Затоа, мораме да се потсетуваме на она што било, за да го спречиме она што не сакаме да биде.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК