За време на гостувањето во емисијата “(Не)успех на шампионите” кај Славен Билиќ, најтрофејната хрватска скијачка, Јаница Костелиќ, ја откри досега нечуената тајна за своето повлекување од професионалното скијање. Одлуката ја донела сама, без знаење на најблиските.
Легендарната Јаница Костелиќ, која со своите спортски успеси се запиша во историјата, ја шокираше јавноста со своето признание кај Славен Билиќ. Иако нејзиното пензионирање во 2007 година беше изненадувачко за многумина, таа откри дека за неа тоа бил план донесен многу порано.
Во искрен разговор, Јаница откри дека одлуката да се повлече од скијањето ја донела на почетокот на својата последна сезона, но тоа го чувала во строга тајност од сите.
“Јас на почетокот на својата последна сезона знаев дека на крајот на сезоната нема повеќе да скијам… Буквално никој освен мене не знаеше, ни брат ми, ни мајка ми, ни татко ми, ни тренерот…” изјави Костелиќ.
Јаница ја објасни оваа необична одлука со својата желба да ја одработи последната сезона на свој начин, без непотребен медиумски притисок и постојани прашања за крајот на кариерата.
“Не сакав да ми ја одземаат енергијата со постојани интервјуа: ‘Па знаете, ова ви е една од последните трки, па како ќе се носите со тоа?’ Јас едноставно сакав да уживам во целата таа скијачка сезона како што уживав во сите досега,” нагласи таа, додавајќи дека никогаш не зажалила за својот избор.