САД денеска го назначија искусниот дипломат од кариера Стиф Фејган за цивилен раководител на телото задолжено за надгледување на прекинот на огнот во Појасот Газа, што треба да го олесни постигнувањето на траен крај на конфликтот.
Стејт департментот објави дека дипломатот Стив Фејган му се придружува на генералот Патрик Френк, воениот раководител на тоа тело кој веќе од 10 октомври работи на спроведувањето на прекинот на огнот меѓу Израел и исламистичкото движење Хамас.
Цивилно-воениот координативен центар, телото кое ќе го надгледува примирјето предводено од САД, беше основан оваа недела во Кирјат Гат, во југозападен Израел, со задача да го следи примирјето и да регистрира какви било прекршувања.
Центарот, исто така, треба да го надгледува доставувањето хуманитарна помош до воено разорениот Појас Газа.
Околу 200 американски војници се испратени во Кирјат Гат, каде што ќе работат со војници од Израел и европските земји, Обединетите Арапски Емирати и Јордан, како и со персоналот на ОН и хуманитарните организации.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, денеска го посети центарот што се наоѓа недалеку од Газа и го нарече напорот „историски“.
„Има подеми и падови, разни пресврти и вртлози, но мислам дека имаме многу причини да бидеме разумно оптимисти за постигнатиот напредок“, рече Рубио.
Феган од 2022 година е американски амбасадор во Јемен каде што ги управуваше односите за време на турбулентниот период кога САД ги бомбардираа јеменските бунтовници Хути, кои редовно истрелуваа ракети кон Израел во знак на солидарност со Палестинците во Газа.
До неодамна, тој три месеци беше и највисок американски дипломат во Багдад, иако уште беше и амбасадор во Јемен, позиција за која најчесто беше сместен во Саудиска Арабија.