Мијалче (подоцна Гаврил Светогорец, Епископ Велички) се родил на 10 март 1926 година, во Штип, од православни родители Методиј (подоцна монах Кирил) и Гора Парнаџиеви. Основно образование, а потоа и гимназија завршил во родниот град. Уште како млад се одликувал со посебна кротост и послушност. Потоа се запишал на Академијата за ликовни уметности во Белград. После дипломирањето, во 1955 година, четири-пет години работел како професор по уметност и историја на уметноста во гимназијата и учителската школа „Гоце Делчев“ во Штип. Покрај работата во училиштето, Мијалче, заедно со својот татко Методиј, работел и како скулптор. Вo 1963 година заминал на Света Гора. За неговиот престој таму директно добил благослов од Игуменијата на Света Гора – Пресвета Богородица. Бил замонашен во грчкиот манастир „Свети апостол Павле“ со монашко име Гаврил. Сето време додека престојувал на Света Гора избегнувал контакти со луѓе. Меѓутоа, неговиот престој таму не траел долго; морал да се врати во својата родна земја. Никогаш не му давал одмор на своето тело – речиси никогаш не спиел, а и кога спиел, секогаш лежел на земја или на тврда рогозина. Иако многу строго постел и бил многу слаб, поседувал голема виталност и енергија. Редовно ги служел сите богослужби во манастирот и непрестајно се трудел во подвигот на умно-срдечната молитва. Тишината и самотијата биле негови постојани сотрудници, затоа и често ги користел двете ближни пештери. Од Бог добил дар на проѕорливост и чудотворство. Во 1981 година, на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, од Синодот на Македонската Православна Црква бил унапреден во архимандрит, а по точно една година бил хиротонисан за Епископ со титула Велички. Иако отсекогаш копнеел и прибегнувал кон тихување, сепак, од послушание прифатил да биде хиротонисан за епископ. Си ја предвидел својата смрт и самиот си отслужил четириесет заупокоени Литургии. На 12 јануари 1990 година, со Евангелието, кое постојано го читал, и со крстот на гради, а во раката – бројаница, мирно Му ја предал својата душа на Бог. Бил погребан зад олтарниот дел на манастирот, покрај својот телесен татко и духовен син, отец Кирил.
Тропар
Имајќи ја светската слава си го оставил светот, и на пат кон Света Гора игуменски благослов од Богомајката си добил. Со пост, бденија и молитва си го запазил целомудрието, богобојазлив Гавриле. Моли Го сега Христа, нашиот Бог, да го умножи монаштвото, да ја запази Црквата наша и светот да го спаси.
Светата маченичка Анисија
Родена е во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано остана сираче и целата се предаде на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов често велеше: „О лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш. Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето коешто ме дели од небесните“. Потоа сиот свој имот го продаде и им го раздаде на ништите, а самата живееше од трудот на своите раце. Држеше строг пост, спиеше многу малку и непрестајно лееше солзи на молитва. Кога ќе ја совладаше сон, си велеше себеси: „Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издаде проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излезе за да оди в црква. Тој ден беше незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја виде убава во лицето, па ? пријде со нечиста желба и ја праша за името. Таа се прекрсти и му рече: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“. Кога дрскиот војник ? пријде поблиску и почна да ? зборува безумни нешта, таа го оттурна и му плукна во лицето. Војникот ја удри со меч под ребрата и ја прободе. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребаа чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб подигнаа црква.
Тропар
Како облак што впива влага од земјата, така ти девственичке се напои, од вистината на Животот. Разбирајќи дека треба да се соблече стариот човек, во руво на светлина душа ти засветли, а на човечкиот род крвта, како ново семе ја подари. Моли се о девојко света, да оздрави душата мека со спознание на Пресвета Троица.
Преподобна Теодора Цариградска
Монахиња и послушничка на Св. Василиј Нови (под 26 март). По смртта му се јави на Св. Григориј, ученик на Василиј, и му ги опиша дваесетте митарства што ги минувала нејзината душа дури со помошта на молитвите на Св. Василиј не влегла во вечниот спокој. Се престави кај Господ на 30 декември 940 година.
Светиот апостол Тимон
Еден од Седумдесеттемина апостоли. Го поставија за Батрски епископ во Арабија. Проповедајќи го Евангелието претрпе многу маки од незнабожците. Го фрлија во оган, но остана неповреден. Најпосле издивна распнат на крст и се пресели во Христовото Царство.
Преподобна Теодора Кесариска
После многу подвизи во манастирот на Света Ана мирно се упокои во 775 година.
Тропар
Блажена си, ти, мајко Теодоро, и благословен плод си на твоите родители, кој од Бога измолен Нему Му послужи, надминувајќи ги во подвигот силите природни, сите врлини од Христа на дар ги доби, затоа моли се за оние кои го повикуваат твоето свето име.
Преподобниот маченик Гедеон
По потекло Грк од многу бедни родители. Во младоста насилно го потурчија. Се покаја и побегна на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Каракалу. Желен за мачеништво за Христа зеде благослов од духовникот и појде во местото каде што беше потурчен, им се јави на Турците, ја исповеда својата вера во Христа, а Мухамед го нарече лажен пророк. Турците му ја избричија главата, го положија наопаку врз магаре и го водеа низ градот. Но тој се радуваше зашто претрпе потсмевање за Христа. Потоа со секира му ги отсекоа сите прсти на рацете и на нозете и најпосле го фрлија во нужник, каде што и Му ја предаде својата света душа на Господа, во 1818 година во местото Трново во Тракија. Неговите чудотворни мошти почиваат во црквата на Светите апостоли во Трново, а еден дел се наоѓаат во манастирот Каракалу.
Тропар
Плодовите од младоста, мудроста Господова ги покри, Гедеоне преподобен оче наш, и ризницата на благодатта ти ја отвори, за црпејќи од неа подвиг маченички да припремиш. Благоизволи Спасителот не само венец да ти подари, туку и нас сега нe милува, по твоите свети молитви.
Свети Дионисиј Закински
Во светот Драганиг Сигур, се родил во 1547 година на островот Закинтос во Јонското Море. Неговите предци се преселиле од Нормандија (Франција) во Италија, а потоа на островот Закинтос, каде примиле Православие. Според преданието, кум на крштението на светиот му бил преподобeн Герасим Кефалониски. Многу добро ги владеел старогрчкиот, латинскиот и италијанскиот јазик, го изучувал Светото Писмо и делата на отците на Црквата. На 21-годишна возраст го предал целото свое наследство на помладиот брат и сестра, а самиот отишол во манастир. Во 1568 година примил монашки постриг со името Дaниил во Старофадскиот манастир на островот Строфадес, недалеку од Закинтос. Во 1567 година бил ракоположен во ѓакон, а во 1570 година, на само 23 години, за свештеник. Во 1577 година го замолиле да ја преземе архиепископската катедра на островот Егина. При ракополагањето го добил името Дионисиј, во чест на покровителот на Атина, свештеномаченикот Дионисиј Ареопагит. Живеел строг аскетски живот и бил пример и духовен отец на многу христијани. Но, по две години од архиерејската хиротонија, свети Дионисиј се откажал од епископскиот чин, мислејќи дека многубројните пофалби може да го возгордеат. Повеќе од четириесет години свети Дионисиј ги пасел словесните овци на островот Закинтос. Се упокоил во Господ на 17 декември 1622 година и бил погребан во манастирот на островот Строфадес, во храмот на свети великомаченик Георгиј. Кога по неколку години, според обичајот на манастирот, неговите мошти биле извадени од гробот, тие се покажале нетлени и миомирисни. Во неговото житие се вели дека ја достигнал височината на простувањето и човекољубието. Еден ден, во манастирот каде што престојувал свети Дионисиј дошол некој човек во неговата ќелија со молба да го скрие од неговите гонители. Кога свети Дионисиј го запрашал зошто го гонат, човекот одговорил дека убил монах. Од разговорот што го воделе свети Дионисиј дознал дека убиениот монах е, всушност, неговиот брат. Свети Дионисиј ги примил тие вести со голема жалост, но не го избркал убиецот, туку го скрил и не го предал во рацете на неговите гонители. Убиецот потоа длабоко се покајал и станал монах, а свети Дионисиј го испратил во Пелопонез. Неговиот спомен се празнува двапати годишно, и тоа: денот на неговото успение (30 декември/12 јануари), како и преносот на неговите мошти на 24 август/6 септември.