Независниот кандидат за градоначалник на општина Македонска Каменица, Миран Митревски во објава на својот Фејсбук профил ја изразува неговата поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Димчо Атанасовски, во вториот изборен круг.
Митревски наведува дека поддршката ја дава врз основа на позитивното искуство и успешната соработка со Атанасовски во периодот кога тој ја извршувал функцијата градоначалник.
-Со него, за првпат во нашата општина, реализиравме значајни иницијативи кои оставија траен белег, истакнува Митревски, наведувајќи неколку примери: потпишување на Колективен договор со кој се подобрени условите на работа и правата на вработените, збратимување на Општина Македонска Каменица со Измир (Турција) и Рикалдоне (Италија), како и отворање на Центар за донација за лица со атипичен развој и социјално ранливи категории.
Тој потсетува и на поддршката што локалната самоуправа ја обезбедила при добивањето лиценца за негователи на стари лица, со што, како што нагласува, се унапредил развојот на социјалните услуги во општината.
-Врз основа на личното искуство и реализираните резултати, сметам дека Димчо Атанасовски е човек со визија, искрен пристап и волја за работа во интерес на граѓаните на Македонска Каменица, наведува Митревски, додавајќи дека со целосна доверба ја дава својата поддршка за негов избор за градоначалник.