Се извинувам за насловот на текстот, но посетата на госпожа Урсула фон дер Лајен на Република Македонија, на четири дена пред локалните избори, ме потсети на овие зборови кои некогаш одамна ги користевме. Ги користевме кога некого на ист начин, или со иста постапка, ќе го натеравме да направи некоја глупост, па му се смеевме дека наседнува на истата измама на која веќе наседнале многумина пред него, или и тој самиот по којзнае кој пат.
Па, си помислив, дали е можно овие некадарници, овие корумпирани бирократи без грам сопствена размисла, овие европски штетници, навистина нас Македонците да не сметаат за нови, или за стари “будали“? Па, да се обидуваат со старата “финта“ одново да не измамат. И, навистина ли сметаат дека сме малоумни и дека не знаеме да размислуваме со своја глава?
Но, глупавиот мисли дека сите се глупави, арамијата мисли дека сите се арамии, корумпираниот мисли дека сите се корумпирани и, за жал, малоумниот мисли дека сите се малоумни. А, за жал, не дека во државава нема и такви, не дека нема малкумина кои ќе поверуваат, но, има уште повеќе кои се платени “да веруваат“ и “вербата“, на сите можни начини да ја шират меѓу народот.
ХРОНОЛОГИЈА НА ЛАГИТЕ
И, кога ќе ги слушате зборовите на госпожа фон дер Лајен дека ние Македонците “ја имаме топката во нашиот двор“ и, треба само да го отвориме Уставот уште еднаш, да ги прифатиме уцените и двојните стандарди, за да ни се отворат “рајските порти“, односно валканата врата на ЕУ и, дека во спротивно ќе чекаме со децении за да ѕирнеме внатре, сетете се на следново:
- На 3 август 2001 година, тогашниот некаков висок претставник на ЕУ, инаку екстремен левичар, Хавиер Солана, после војната со терористите поддржани од НАТО, изјави “ако не го потпишете Рамковниот договор таков каков што е, никогаш нема да имате заедничко општество за сите и со децении ќе чекате за влез во ЕУ“, Е па, го потпишавме.
- На 12 декември 2003 година, американскиот измамник Едвард Џозеф, воочи референдумот за новата територијална организација, ни порача “ако не го усвоите Законот за локална самоуправа и не се овозможат пошироки права за Албанците, може да се случи да останете заглавени во чекалната на ЕУ со години и децении“. Е па, го усвоивме.
- На 14 септември 2018 година, Јоханес Хан, сопственик на коцкарници и курир на лагите на “меѓународната заедница“, воочи референдумот за промена на името, не убедуваше дека “доколку не го промени името сега, Македонија ќе чека влез во ЕУ со децении“. Е па, го сменивме.
Сетете се дека нашите корумпирани политички елити, на барање на европските колонизатори, во улога на “употребливи локални елементи“, извршија се’ што им беше наредено, ги осакатија македонската држава и македонскиот народ, а ние сите, за возврат, добивме …
И овде, ќе ве потсетам на само една реченица од делото на Ален Ришо, “Историја на колонизацијата“, во која тој вели – “цел на секоја политичка акција во колониите треба да биде препознавање и искористување на употребливите локални елементи и, неутрализирање и уништување на оние елементи кои не може да се употребат…“
Бидејќи корумпираните ликови од типот на Солана, Џозеф, Хан, фон дер Лајен… се сметаат себе си за современи колонизатори, а нас за “племе“ кое треба да се колонизира, не ќе ви е тешко да ги препознаете и употребливите и, елементите кои се неупотребливи и треба да бидат уништени.
Затоа, по којзнае кој пат ќе повторам дека треба да ги прекинеме сите преговори со официјална Софија, да ја распуштиме таканаречената “историска комисија“, да го замрзнеме нашето барање за влез во ЕУ, бидејќи ваквата Европска Унија, како наднационална творба, како корумпирано дувло предводено од неизбрани и некадарни политичари, или ќе се распадне, или, доколку сака да опстане, ќе се трансформира во сојуз на суверени држави. Сојуз во кој секој ќе пристапува самостојно, без уцени и двојни стандарди, секој со својот национален багаж.
И официјална Софија и госпожа фон дер Лајен и оние околу неа, го знаат тоа и брзаат да ни го одземат остатокот од нашето постоење. Договорот на претседателите на САД и Руската Федерација, Доналд Трамп и Владимир Путин, да се сретнат токму во Будимпешта и да му бидат гости на Виктор Орбан, го потврдува тоа. Обајцата, свесни за својот најголем заеднички непријател, глобализмот, со овој потег даваат целосна поддршка на суверенистичката идеја чиј најгласен застапник во ЕУ беше и е токму Орбан.
А, госпожата фон дер Лајен и оние околу неа, кои преку ескалација на војната во Украина, која ескалација секојдневно ја интензивираат, се обидуваат да останат на власт, добија таква шлаканица која уште долго ќе им ѕвони во ушите. Шлаканица за радикалната европска левица и нејзиниот неоколонијалистички глобализам.
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК