Ете биднаа и локалните избори. Додуша ако се гледа по правила на игра на половина се, има уште толку, но крајниот резултат е кристално јасен. Ако свирне судијата крај сега, ќе и’ ги скрати маките на опозицијата, да не и’ се гледаат толку гревовите од пропаста. Опозицијата сигурно би сакала тка, ама неможе. Мора да се доигра до крај.
Овие избори во многу нешти ги разјаснија работите. Како на пример тоа дека голем дел од партиските, но и голем дел од неопределните гласачи се откажале од СДСМ. Тоа е разултат најверојатно на моментниот колосален проблем на оваа некогаш навистина голема партија – нејзината длабока внатрешна поделеност. Византиските игри се заштитен знак за СДСМ, но сега јазот на поделеност на членството е огромен. Најистакнатите имиња од пратеничката група на СДСМ отворено си зборуваат дека „они се башка, оние на Бихаќка се башка“. Тоа „башка-башка“ се виде и на дело на пример во скопската Општина Центар, но и во Карпош. Византиските игри таму беа најмаркантни. Но, во целата таа збирштина на дворски сплетки се појави едно многу позитивно светло – кандидатот на СДСМ во скопски Центар има одличен резултат. Влегува во вториот круг со значителна предност и шансите за победа му се многу многу големи. Можеби не е лошо да размисли да влезе и на Бихаќка потоа и да удри ресетирање.
Комична ситуацијата излезе кај Левица. Најголем дел од кампањата, но и јавните настапи во изминатиов период им беа остро и силно насочени против ВМРО ДПМНЕ. Немилосрдни беа. На крајот, пак, излезе работата дека гласовите од ЗНАМ и од СДСМ се прелееа кај Левица, додуша не којзнае колку многу, ама добар дел завршија на нивно конто. Нивниот план за штета во гласови за ВМРО ДПМНЕ се покажа како промашен, односно со контра ефект кој не си го предвиделе. Пораст немаат. Стагнираат. Статус Кво. Во тесна трка со СДСМ, ВЛЕН и ДУИ нивниот кандидат за градоначалник на град Скопје влегува во втор круг. Ама да бидеме реални, како влегува. Како боксерска вреќа! Толку е голема разликата што Левица неможе да стигне до толкав број гласови уште неколку декади.
Стевче Јакимовски и неговата ГРОМ храбро се борат во општина Карпош. Од петни жили. Но, резултатот од првиот круг очигледно непријатно го изненади вечниот градоначалник на скопски Карпош. Му се виде тоа на ликот на прес конференцијата, која ја одржа два часа по завршување на гласањето. Заостанува зад кандидатот на ВМРО ДПМНЕ над 1.500 гласа. Оние гласови на СДСМ може да смета дека ќе ги добие во вториот круг, но може и да не ги добие. Рековме во СДСМ има страшна внатрепартиска поделба и византиски игри. Гласови на избори не се чадор, па да му го дадеш некому ако му притреба. Сигурен сум дека и ВМРО ДПМНЕ нема да спие до вториот круг. Сепак за победа во Карпош малку се 10.284 гласа.
Најголем лузер на овие избори е ЗНАМ на Максим Димитриевски. Силно се залетани во пад и не верувам дека има сила што може да ги спаси од политичка пропаст. Си знаат и сами по анкетите од пред изборите. Следните парламентарни избори, со вакво темпо, може само да сонуваат за пратеничко место. Ќе проживеат до крајот на мандатот на владата на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ како безгласен и безидеен приврзок. Потоа, толку ќе им биде. Нивниот лидер, како кандидат за градоначалник на Куманово по првиот круг има 1.000 гласови повеќе од првиот круг на минатите локални избори. Ама тогаш и ВМРО ДПМНЕ имаше кандидат, сега нема.
На крајот за апсолутниот победник на овие локални избори – ВМРО ДПМНЕ. Освоени 32 градоначалнички мандати уште во првиот круг, меѓу кои голем дел во скопските општини. Таму каде што ќе има втор круг, кандидатите на ВМРО ДПМНЕ влегуваат со предност што е апсолутно недостижна за нивните соперници.
Сето тоа укажува на два многу важни моменти.
Едниот е дека македонските граѓани силно и безрезервно го поддржуваат работењето и политиките на Христијан Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ.
Вториот е кампањата на ВМРО ДПМНЕ. За разлика од сите останати политички субјекти во Македонија, на овие локални избори само ВМРО ДПМНЕ имаше позитивна предизборна кампања.
Колумна на Дејан Николовски за Нетпрес