Полемика е жестока кавга после која и едната и другата страна, не само што не ги напуштаат своите заблуди и глупости, туку уште повеќе се бетонираат во нив. Во оваа ментална гимнастика, аргументите се важни исто колку и хеланките во гардеробата на нилските коњи. Најважно е да имаш огромно количество на „отров”, а после лесно ќе го распоредиш. Кај нас полемика се поведува само кога постои опасност да се открие некоја вистина. И кога „соговорниците” ќе почнат да се пенават и арчат високи октави, почнува сексуалната и секоја друга обработка на противникот, до седмо колено. После секоја полемика на редовно истите сурати, сфаќаш дека е подобро да фрлаш јајца на вентилатор отколку да полемизираш. Ем е позабавно, ем помалку ќе се искашкаш.
За да се биде успешен полемичар важни се повеќе услови, но два се пресудни: специфична пигментација („дебела кожа”) и долго зборување без да се земе здив. За првиот сите се надарени, но за вториот сака вежбање кое не бара посебни услови. Доволно е леген со вода, полемичарска глава и штоперица. Во секоја полемика важно е да не се држиш до темата и да не го слушаш соговорникот. Доколку ти постави прашање, ти одговараш со контра-прашање. Кога во минатиот век Американците им забележуваа на Русите дека не дозволуваат основни човечки права и слободи, тие им одговараа: „А вие, што им правите на црнците?“ Кога тие продолжуваа со критиката на тоталитарниот комунистички режим во СССР, ги дочекуваше во заседа суровото прашање за индијанците.
Кај нас полемиката го достигнува својот зенит. Се дискутира што е попрво, кокошката или јајцето? Кој е во право, Санчо Панса или Дон Кихот? Овдешниве полемичари се извежбаа како мечки на дајре. Ти поставуваат прашање, одговараат наместо тебе, а после ти кажуваат дека тресеш глупости! Чопоративниот менталитет не престанува. Ти полемизираш со еден човечки примерок, но околу вратот ти се бесат негови роднини, пријатели, партиски другари, комшии, работни колективи, невладини организации, граѓани, работници, селани и поштена интелигенција.
Често го слушаме терминот „спонзоруша”, но крајно време е да се воведе и терминот новинаруша и новинаруш. Со мали исклучоци, тие се како политичарите. Истовремено се пиромани и пожарникари. Долго размислуваат пред ништо да не кажат. Или воопшто не размислуваат а кажуваат. Само во Македонија прашањата на новинарите се подолги од одговорите на прашаниот. Врв на нивната мудрост се прашања од типот, „Што е поважно, Шекспир или колбас?“
Од оваа историска дистанца едно е сосема сигурно: најдобро е да си полемизираш сам со себе. Тоа е единствената шанса барем еднаш во животот да бидеш во право. Имаш свое мислење, ама не се согласуваш со него. Немаш никакво мислење, ама си упорен. Во случај да си докажан демократ, разменуваш мислења. Влегуваш во кабинетот на шефот со свое, а излегуваш од таму со неговото мислење. Доколку претпоставените побараат од тебе да размислиш за некој проблем, не се залетувај. Тоа значи дека не им паѓа на памет да го решат тој проблем. Ако ти не знаеш за овој народен обичај и продолжиш да размислуваш, тогаш ти стануваш проблемот. Има луѓе кои не размислуваат ама баш за ништо на овој свет. Тоа се најголемите филозофи, без да знаат. Најмногу ги има тие што буквално имаат мислење за сѐ, освен за својата нездрава навика да имаат мислење за сѐ!
Како беше во социјализмот? Исто како во оние сиви самопослуги „Славија” или „Центро”. Таму најголемото пријатно изненадување беше кога нема да ти вратат кусур во мастики туку во пари! Тогаш не постоеше зборот „полемика”. Кога некој критичар ќе се заборавеше и ќе напишеше лоша критика за некој од многуте државни уметници го викаа „на рибање”. Доколку даде чесен комунистички збор дека ќе биде добар и фин, продолжуваше да пишува рецензии за театар, филм или литература. Доколку не можеше да се помири со таа уцена беше префрлан во друга рубрика во која слободно можеше да пишува за цените на раноградинарските производи и оризовата арпа.
А како е денес? Денес владее демократски тоталиризам. Можеш слободно да бидеш роб по сопствен избор. Зошто јас не сакам да полемизирам? Затоа што ги сакам старите народни поговорки, а едната од нив најдобро ја дефинира полемиката: „Не може да си играш во лајна, а после да очекуваш да мирисаш на темјанушки”. Против многу наши полемичари единствена превентива е контрацепција. За повеќето од нив со ретроактивно дејство.
Има уште. Овде некои женскињи полемизираат само затоа што не знаат да сошијат копче на капут или да направат сарми со лозов лист. Мажињата полемизират само кога се слободни, а тоа се деновите кога сопругите ќе ги ослободат од фрлање ѓубре до контејнер или тресење тепих пред зграда.
До пред извесно време мислев дека сум станал добар и конструктивен човек. Но еден поглед врз календарчето ме убеди дека всушност сум остарел. Немам повеќе сила за никакви полемики. Одамна престанав да носам на грб и вреќи со цемент. За среќа, јас тоа воопшто не го сфаќам трагично. Напротив. Староста е единствениот начин да се живее долго време. Е сега, нема да можам да полемизирам ама пак од друга страна, што ѝ фали на попарата со млеко? И конечно, овде многу побезбедно е да играш рагби, отколку да полемизираш.
Во бивша Југославија имаше театарска пиеса „Камен за под глава“ од Деана Лесковар. Тогаш насловот нѝ звучеше грубо. Но денес, кога ќе се спореди со фрлениот полемички камен во главата на политичкиот противник во Виница, тогашниот камен личи на мека и удобна перница. Дали жалам за минатото? Не. Немам време. А за младоста? Ја жалам младоста што го поминала времето со мене.
И за крај, како човек да полемизира со персони кои доаѓаат од краишта каде што и кибритот се продава со упатство за употреба? Никако. Затоа, на ова место прекинувам. Ја напуштам оваа колумна и во знак на протест одам да си облечам маичка на која пишува: Не ме полемизирај!
П.С.
Лежерно си ја шетам маичката, ама не било пишано. Ме начекува еден маалски полемичар со светско реноме и строго ме прашува: „За кого гласаше на овие избори?“ Ама и јас не сум вчерашен и одма ја оправдав маичката: „Не знам, гласањето беше тајно“.
Братислав ДИМИТРОВ
Скопје, 20 октомври 2025, (МИА)