Последен ден од кампањата. Севишниот не награди со дожд, кој претставува бериќет. Од друга страна, нема да им се допадне на оние кои се на терен, единствено ќе имаат ќар оние кои имаат тимови за акција „од врата до врата“ затоа што дефинитивно ќе ги најдат домаќините по дома.
Да направиме рекапитулар на кампањата и сето она кое се случуваше во изминатите 20 дена. Во основа, во многу средини уште од самиот старт се извесни победниците, барем според рејтингот кој се покажува на дел од кандидатите, при анкетите кои ги прават кредибилни агенции. Сметам дека барем половина од општините ќе ја завршат работата после првиот круг и имињата на градоначалниците ќе ги знаеме уште во понеделник.
Состојбата со советничките листи и проблемите кои беа околу изборниот законик и поништувањето на претходно донесените одлуки, доведе до тоа да само со два потписи ќе може да се истакнат и независни листи и за советници и за градоначалници. Тоа придонесе да во многу места има огромен број листи, кои можеби ќе го разводнат бројот на гласови кај дел од поголемите партии, но истовремено ќе придонесат за одредена шареноликост во советите, и потреба да коалицирање, преговарање и прифаќање на дел од туѓи програми.
И покрај големата понуда, според она што го гледаме Владејачката коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ, заедно со ВЛЕН и ЗНАМ, кои излегуваат со сопствени листи, ќе извојува победа. Иако не верувам дека бројките заеднички кои беа на парламентарните лани ќе се повторат, според мене, ќе се има подобар резултат од оној на Локалните во 2021 година.
Останатите субјекти кои имаат понуда пред граѓаните на овие избори, ќе останат на резултатите од претходно, а некои дури ќе паднат надолу. Во одредена мерка ќе влијае и временската состојба (имаме дождливи денови), но доколку се гледа по временската прогноза, се очекува недела д биде сончев ден, што можеби ќе ги стимулира и мотивира граѓаните да излезат во поголем број.
Убеден сум дека симпатиите на народот ќе ги добијат оние кои успеаја да контактираат лични и непосредно со нив, кои ја изораа државата. Почнувам од себе, никогаш не би гласал за некого кој нема ни да се потруди на терен, но и повеќе ќе плука по противникот, отколку да каже што ќе сработи. Исто така ми е битно, кандидатот да има практично искуство, но и да знае да припреми и реализира проект и да каже како и од каде ќе го финансира истиот, а не само да кажува желби и идеи. Во секоја кампања гледаме такви кои фантазираат и имаат нереални планови, идеи и очекувања.
Се надевам дека ова ќе бидат последни локални избори во кои самите политички партии ќе водат битки за теми кои немаат врска со локалната самоуправа, каде високи државни функционери или партиски раководства ќе бидат побитни од самите кандидати.
Се надевам дека одредени политички субјекти ќе престанат да го трујат народот со етнички и верски теми, дека ќе престанат со ширење нетрпеливост и играње на карта на некаква дестабилизација, а дека за промена обвинителството ќе постапува по службена должност и за таквиот наратив ќе штанца кривични, па истите нека се занимаваат и влечкаат по судови.
Очекувам многу поголема транспарентност од советите. Седници во живо, а неретко и отворени за граѓаните. Нови ГУПови, а следствено на тоа и квалитетни и функционални ДУПови. Повеќе алтернативна енергија, енергетска ефикасност, превидени дупло паркинг места, убави школи и градинки и регулирање на бучавата во урбаните средини. Зголемена хигиена и безбедност, помалку администрација и трошење пари за репрезентација, стоки и услуги.
Оваа кампања скоро сите, дури и по селата зборуваа за дигитализација, апсолутно убеден сум дека половината и не знаеја што тоа значи или што би требало направат. Нека уживаат, ќе им кажат од „информатичко“. Во основа тоа значи, дека се ќе може по електронски пат, ќе нема чекање ред, ама и барање мито и аванта. Така да…
Би сакал на наредните локални избори кандидатите да ги исфрлат зборовите „мини митинг“кога мислат на средба со граѓани, и мега парк, затоа што ако не е барем 50 или 100 хектари нема ништо мега во истиот. 100 на 100, 10.000 квадрати или еден хектар не е воопшто мега. Обичен просечен мал парк. Помало од тоа е зелена површина или паркче. Олабавете со мега. Тоа почна пред четири години со Данела, и ништо мега не добивме. Дури и иритира.
На самиот ден на изборите очекувам да биде мирно и без инциденти. Можеби во средините каде ќе има тесни резултати и обиди за пресврт да видиме одредени искри, но овие избори ќе покажат две нешта.
Првото е дека актуелната власт ќе ја зацврсти својата позиција во локалната власт во речиси сите општини каде што и владееше до сега, плус ќе се засили со уште неколку нови. Второ е, дека народот веќе не паѓа на еуфории, нереални очекувања, етнички делби и апокалиптични сценарија. Дека и од севкупната актуелна власт очекува многу повеќе, и дека носителите на функции ќе мора здраво да ги засукаат ракавите за до следниот парламентарен или локален циклус повторно добијат доверба.
Во недела, излезете и гласајте за најдобрата понуда која ја имате во сопствената општина. Дадете поддршка на оние кои ветуваат реални проекти, но и оние кои ќе воспостават ред и поредок. Кои ќе работат за народот, а не за газдите и моќниците. Не гласање значи немање став, а кој нема став, нема право да се буни. Да се надеваме на се најдобро и нека е со лесно!
Александар Ристевски