На денешен ден, во 2007-ма година, македонската и балканската музичка мега-ѕвезда Тоше Проески загинал во сообраќајна несреќа на автопатот Загреб – Липовац, кај местото Нова Градишка, во Хрватска.
Во негов спомен, традиционално се одржува маратон од Нова Градишка до Крушево, кој оваа година се трча по 18 пат. Маратонците го започнаа патувањето пред спомен-обележјето на Тоше во Нова Градишка, а денеска, на годишнината од неговото заминување – треба да пристигнат на неговото вечно почивалиште на Гумење во Крушево.
Организаторите велат дека овој маратон не е само спортски настан, туку емотивно патување исполнето со љубов, почит и благодарност кон Тоше, кој со својата музика и хуманост остави траен белег на генерации низ целиот регион.
Крушево, градот на неговото детство и вечен дом, веќе се подготвува за одбележувањето на роденденот на Тоше – 25 јануари, кога ќе се навршат 39 години од неговото раѓање.
Животот на Тоше згасна во 2007 година, токму кога ја одбележуваше десеттата година од својата музичка кариера, која тогаш веќе добиваше меѓународно признание. Неговиот последен англиски албум, „The Hardest Thing“, беше издаден постхумно, како симбол на недовршениот сон за светска сцена.
Тодор Проески – Тоше е роден на 25 јануари 1981 година, а својот талент го покажа уште како дете, настапувајќи на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, каде ја испеа песната на влашки јазик.
Кариерата ја започна со победата на „Мелфест“ во Прилеп, во 1997 година, по што настапуваше на најголемите фестивали во регионот, а во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул. Истата година беше именуван за амбасадор на УНИЦЕФ.
Во текот на својата кариера издаде седум албуми, од кои повеќето беа објавени и на српски и хрватски јазик. Последниот, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред трагедијата, а неговиот последен концерт – хуманитарен, за подобрување на условите во образованието во Македонија – се одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје.
Тој ги објави албумите „Синот Божји“ (2000), „Некаде во ноќта“ (2001), „Ако ме погледнеш в очи“ (2003), „Ако ме погледаш у очи“ – верзија на српски јазик (2003) „Ден за нас“ (2004), „Дан за нас“ – верзија на српски јазик (2004), „По тебе“ (2005), „Пратим те“ – верзија на српски јазик (2005), „Божилак“ (2006), „Игри без граници“ (2007) и „Игре без границе“- хрватска верзија (2007), а изведувал и голем број странски хитови.
Тоше бил амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ, а постхумно е прогласен за почесен граѓанин на Македонија.
Животот на Тоше заврши во годината кога одбележуваше десет години успешна кариера и кога таа почна да станува меѓународна. Но албумот на англиски јазик што го подготовуваше беше постхумно промовиран (The Hardest Thing).