На народниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во општина Македонска Каменица се обрати Драган Ковачки, член на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
-Денес сите што сме собрани тука имаме една заедничка цел, да ја потврдиме нашата доверба во луѓето што работат чесно, посветено и со срце, не за свое лично добро туку за доброто на сите нас. Тука сме за да ја дадеме поддршката за нашиот Димче Атанасовски да биде реизбран како градоначалник на Македонска Каменица, како и на нашата советничка листа да ја продолжиме патеката на развој и заедништво што ја трасиравме заедно во 2021 година, изјави Ковачки.
Тој потенцира дека треба да продолжиме со промените за подобро утро.
-За мене нашата Македонска Каменица не е само место на мапата секогаш ќе биде поврзана со најемотивниот дел од моето детство. За вас таа е ваш дом, ваша иднина и ваша убава приказна. Во секоја улица, со секое училиште во секој поглед на вашите деца, во секој поглед на луѓето што веруваат во оваа заедница, рече Ковачки.
Тој додаде дека Атанасовски, како локален човек, ги познава секојдневните предизвици, радости и грижи на жителите на општината, бидејќи неговото семејство и дом се тука, а неговата работа има „човечка димензија“.
Пратеникот го оцени изминатиот мандат на Атанасовски како успешен, потенцирајќи ги реализираните проекти кои, како што рече, зборуваат сами за себе: подобрување на патната инфраструктура, водоводната и канализационата мрежа, реконструкција на училишта и градинки, како и активности за зачувување на културното наследство.
Ковачки потенцира дека овие резултати се плод на труд, визија и соработка меѓу луѓе кои верувале дека интересот на граѓаните е на прво место, додека, како што рече, претходните локални структури на СДС и ДУИ се обидувале да го попречат развојот на општината.
Во својот говор, тој ги повика граѓаните да го поддржат Атанасовски и советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Гоце Стоиловски, за, како што нагласи, „да се обезбеди стабилно мнозинство во Советот и да се продолжи патот на развој и заедништво започнат во 2021 година“.
– Силната соработка меѓу градоначалникот, Советот и Владата е клучот за континуиран развој. Кога сите работиме во истиот правец, можеме да направиме многу повеќе, истакна Ковачки.
Пратеникот упати и предупредување до граѓаните да не наседнуваат на, како што рече, „интриги и дезинформации од поединци што работат против партијата за свои лични цели“, нагласувајќи дека обединувањето околу проектите и принципите на ВМРО-ДПМНЕ е клучно за напредокот на општината.
На крајот од трибината, Ковачки повика на единство и поддршка за локалните кандидати, со порака дека „сила е во заедништвото“ и дека заедно можат да градат општина за која сите ќе бидат горди.