Ракометарите на Вардар 1961 се подготвуваат за стартот на сезоната во Европската лига на ЕХФ.
Пред двократниот европски првак во вторник е првиот предизвик, а тоа ќе биде мечот со Сесвете на домашен паркет.
Во пресрет на средбата со хрватскиот ривал, на официјалната прес-конференција се обрати тренерот Иван Чупиќ.
„Вардар секогаш има победнички аспирации, без разлика каде игра. Ова е клуб со голема историја и знаеме дека мора да испорачаме резултат. Тоа се клупските амбиции и наши желби, сон дека можеме да стигнеме далеку во Европската лига. Сепак, јас како тренер и сите играчи сме подготвени да одиме чекор по чекор. Знаеме дека имаме тешка група, иако можеби не така атрактивно според имиња. Важен е секој меч во натпреварувањето, тука секој бод е битен бидејќи потоа се пренесуваат.
Сесвете е млада екипа од Загреб која со Загреб и Нексе доминира во Хрватска. Тие имаат желба за докажување, ама знаеме дека наш прв чекор е да собереме што повеќе бодови. Македонската лига моментално е многу посилна и поизедначена од таа во Хрватска. Таму доминира Загреб, Нексе е број два, а Сесвете е млад тим кој не може да се споредува финансиски со овие две. Мислам дека не само во однос на Хрватите, туку македонската лига е најквалитетна и најизедначена.
Ќе се фокусираме само на себе и верувам дека со поддршката од навивачите ќе им направиме проблем на сите, односно мора да освојуваме бодови. За утре ни е најважно да победиме и нашите навивачи и сите кои го сакаат Вардар да се радуваат на победа“, изјави хрватскиот тренер на Вардар.