Македонското знаме ќе се вее меѓу големите европски имиња на тркачките патеки!
Трикратниот европски шампион во ридски трки, Игор Стефановски – Иџе, ќе стане првиот македонски возач во историјата кој ќе настапи во “EuroNASCAR PRO” категоријата.
Стефановски ќе вози за “SpeedHouse”. во нивниот бр. 20 Ford Mustang, на финалната трка од сезоната 2025 што ќе се одржи на легендарната патека Золдер.
Ова е уште едно поглавје во богатата 20 годишна кариерата на Иџе, но и историски момент за целата држава.
Тој уште во 2020 година беше првиот Македонец што тестирал “EuroNASCAR” болид, на програмата за регрутација на возачи во Франција, но сега, пет години подоцна, ја добива шансата конечно и официјално да дебитира во елитата.
Заедно со него, меѓу новите имиња оваа година е и 17-годишниот Британец Чејс Фернандез, кој ќе се натпреварува за “Team Bleekemolen” во Toyota Camry со број 76.
“EuroNASCAR” официјално ја објави стартната листа за финалето на сезоната, кое ќе го собере 58 возачи и 26 тимови во сите категории.
Иако бројот на екипи останува ист од последната трка во Ошерслебен, има интересни промени, меѓу кои и додавањето на четвртиот болид на “SpeedHouse Racing”, токму тимот на Стефановски.