-Потсетуваме на фактот дека Северна Македонија се обврза да го имплементира законодавството на ЕУ што се однесува на давателите на услуги за воздушна навигација (ANSPs). Ова вклучува одредби кои имаат за цел да се обезбеди независност на ANSP од државата, дека персоналот – особено контролорите на летање – ги исполнуваат законските барања за такви работни места и дека обезбедувањето на услугата ги почитува целите во однос на безбедноста, економичноста, капацитетот и животната средина, се наведува во соопштението.
Се нагласува дека се очекува од институциите да се спроведат брза истрага во однос на наводите за кронизам при вработувањата.
-Очекуваме државните власти брзо да ги истражат наводите за кронизам при назначувањата во овие служби. Исто така, очекуваме државните власти да ги истражат извештаите за несоодветно надворешно влијание и насилство врз персоналот што работи во М-НАВ, наведуваат од Делегацијата на ЕУ.
Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ) го стави во мирување штрајкот што го најави за утре со целосно затворање на воздушниот сообраќај на македонското небо, откако Владата денеска му даде насоки на Надзорниот одбор во Македонска навигација М-НАВ да ги разреши претседателот на Управниот одбор на М-НАВ Фахрудин Хамиди и секторскиот извршен директор во М-НАВ Љубе Стаменковски, а на нивно место да бидат именувани Илир Мехмеди и Милан Кораќ.
Смените во раководството на М-НАВ, Владата ги најави по инцидентот што се случи на 4-ти, месецов со упад во оваа институција и напад на вработени, а претходно ССКЛ реагираше за спроведувањето на последниот оглас за вработување во М-НАВ од страна на раководството.
Во М-НАВ од денеска проверки врши Управата за финансиска полиција.
За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје, како што соопшти, отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.