Речиси 50 европски лидери се поканети да учествуваат на денешниот состанок во Копенхаген посветен на војната во Украина и безбедноста на континентот, јави ДПА.
И украинскиот претседател Володимир Зеленски присуствува на седмиот самит на Европската политичка заедница (ЕПЗ), што следува по вчерашниот состанок на 27-те лидери на Европската Унија, исто така во Копенхаген.
ЕПЗ е иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон, формирана по руската инвазија врз Украина во 2022 година, за поттикнување дијалог и соработка меѓу европските држави надвор од формалните рамки на ЕУ.
На дневен ред се зајакнувањето на Украина, европската безбедност, но и прашања поврзани со економска безбедност, трговија со дрога и миграции.
Меѓу 47-те поканети се сите лидери на земјите-членки на ЕУ, како и претставници на Обединетото Кралство, Молдавија, Украина, Швајцарија и Грузија. Русија и Белорусија не се поканети. Присутен ќе биде и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.
Првиот состанок на ЕПЗ се одржа во Прага во октомври 2022, а последниот во Тирана во мај 2025.