МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, кој активно почна со работа на денешен ден пред 27 години. Својата работа државната агенција ја почна со дваесетина новинари, а денес има околу сто ангажирани лица – новинари, дописници од земјата и странство, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика.
МАКЕДОНСКАТА информативна агенција – МИА денеска одбележува 27 години од своето активно работење.
Првата вест МИА ја емитуваше на 30 септември 1998 година, со што почна редовната продукција на информации за медиумите и граѓаните на земјава, во прво време со фотографии и текст, а денес и со видео преноси во живо, целосен мултимедиумски израз и присутност на социјалните медиуми.
МИА е јавен информативен сервис, основан од Собранието на Република Македонија во февруари 1992 година, кој активно почна со работа на денешен ден пред 27 години. Својата работа државната агенција ја почна со дваесетина новинари, а денес има околу сто ангажирани лица – новинари, дописници од земјата и странство, сниматели, фоторепортери, стручни служби и логистика.
МИА е лидерска агенција во Македонија, која според последните истражувања покрива 65 проценти од македонскиот медиумски простор, а ја користат традиционалните, но и онлајн медиумите, меѓународни организации и институции.
МИА има дневна продукција од околу 400 вести и други медиумски продукти на македонски, албански и на англиски јазик.
МИА произведува дневни информации, авторски текстови – интервјуа, стории, анализи, теми, специјални тематски потсервиси, клипинг за меѓународни институции, дневни и неделни пакет-информации, флеш вести, како и фото и видеосервис.
Во согласност со мултимедиумската функционалност, МИА своите информации, дневните настани, авторските текстови – интервјуа, теми, стории и анализи и преноси во живо ги објавува на својата интернет-страница и на јутјуб-каналот, како и преку директно емитување видеа на својата веб-страница и профилот на Фејсбук, Инстаграм и на Твитер.
МИА има соработка со над 50 регионални и светски агенции и дневна дистрибуција на медиумски продукти на МИА-сервиси до домашни, европски и светски институции. Претплатници на МИА се сите релеванти и влијателни ТВ-куќи, електронски и печатени медиуми во земјава, македонските амбасади во странство, странски дипломатски и други претставништва и мисии во Северна Македонија, како и медиуми на наши иселеници во странство.
МИА има потпишано договори за размена на вести и медиумски продукти со сите државни агенции во регионот, како и со повеќе приватни агенции од соседството. Исто така е и дел на информативните пулови на: Дојче веле (Германија), АНСА (Италија), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), БТА (Бугарија), АНА-МПА (Грција), АТА (Албанија), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), АГЕРПРЕС (Романија), ФОНЕТ (Србија), УКРИНФОРМ (Украина), соработува и со големите новински агенции – Европската фотоагенција ЕПА, германската ДПА, британскиот јавен сервис Би-би-си, кинеската СИНХУА.
МИА во соработка со АФП и ДПА е дел од Европската новинска редакција. Високо професионални новинарски стандарди, навремени и точни информации, борба против лажните вести, како и поблиска меѓусебна соработка меѓу новинарите за сите прашања поврзани со ЕУ и кои се во интерес на Европа е целта на ЕНР, во која се вклучени 18 европски агенции, меѓу кои и МИА.
МИА годинава беше домаќин на 33. Генерално собрание на Асоцијацијата на балкански новински агенции – Југоисточна Европа (АБНА -ЈИЕ), во која покрај МИА членуваат и новинските агенции АТА, Анадолија, ФЕНА, БТА, ХИНА, ЦНА, АНА-МПА, Косова прес, МИНА, Аџерпрес и АНСА.
МИА со своето искуство и професионалност останува на својата цврста определба да работи во интерес на јавноста со навремени, проверени и точни информации и во одлучна борба против лажните вести.
Во текот на изминатите 27 години, МИА како најпедантен хроничар на македонските, регионалните и светските случувања и собитија поседува обемна сопствена база на податоци, информации, фото и видеозаписи, кои се користат и од научната јавност и меѓународни институции за своите анализи и трудови.