Успесите на нашите најмлади секогаш стимулираат силни емоции и ја поттикнуваат вербата дека имаме сигурни раце на кои можеме да ја оставиме Македонија и да веруваме во подобра иднина. Затоа ја зголемивме поддршката кон талентираните, да чувствуваат доволна грижа од државата, да останат тука и да придонесат кон нејзиниот развој.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на конференција организирана од Институтот за хемија при Природно – математичкиот факултет во Скопје, на која беа претставени успесите на македонските ученици и нивните ментори постигнати на меѓународните научни олимпијади по хемија во оваа календарска година.
– Ги следам учествата на сите наши млади на меѓународните натпреварувања и водена од успесите ваши и на генерациите пред вас, ми беше должност да се заложам, а Владата ми даде поддршка и заедно го решивме предизвикот кој се провлекуваше од минатото и го доведуваше во прашање учеството на македонски претставници на големи меѓународни ученички натпреварувања. Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и да ја претставува својата земја, рече Јаневска.
На Меѓународната олимпијада по хемија што годинава се одржа во Дубаи, македонските ученици освоија по еден сребрен и бронзен медал, како и една пофалница, додека на Меѓународната „Менделеев“ олимпијада во Бело Хоризонте во Бразил освоија два бронзени медали.
– Овие деца се дел од таа генерација во која веруваме дека може да донесе подобри времиња. Затоа што го ценат знаењето, постојано да надградуваат, знаат дека науката е столб на просперитетот и што е најважно – имаат натпреварувачки дух и прифаќаат предизвици што мора да се решат за да се стигне до победата, рече Јаневска.
Изрази уверување дека министерството ќе продолжи да ги унапредува политиките за поддршка на талентираните ученици и студенти, да доделува стипендии, парични награди и да вложува во младите научници.