Али Ахмети повеќе од две децении се претставува како симбол на непокорност и одлучност „орел“ што ги брани интересите на Албанците и никогаш не отстапува. Но денешната политичка реалност покажува нешто сосема поинакво. Јавноста го препознава јазот помеѓу јавната реторика и задкулисните потези и игри, а митот за неприкосновен лидер почнува да се разградува.
Мендух Тачи јавно објави долго време чувана тајна: ДУИ повеќепати го молела ВМРО-ДПМНЕ за влез во владата, дури и без да ги добијат посакуваните позиции. Доколку тоа е точно, се руши долгогодишниот наратив за ДУИ како силен и независен политички актер и се покажува незаситниот глад на нејзиниот лидер постојано да остане во власта. Наместо да биде креативен, кооперативен и доследен коалиционен партнер или, пак, достоен опозиционер, партијата се наоѓа во улога на молител, кој бара компромис за да остане присутна на политичката сцена преку своите претставници во власта.
Истовремено, пред јавноста, Ахмети повторно ја користи својата позната реторика: пораки за борба, истрајност и симболика на „орлите“. Некогаш овие пораки мотивираа и мобилизираа, но денес звучат како рутинска формула која не одразува реална сила. Контрадикцијата станува очигледна едно се зборува зад сцената, друго пред камерите.
Јазикот кој Ахмети го користи на митинзите и јавните настапи, како на пример „со загари не се ловат орли“ или „кучиња“, е остар и метафорички недоличен, но ја открива неговата дволичност. Ваквиот вокабулар создава впечаток на моќ и одлучност пред јавноста, додека во задкулисните преговори се користи за прикривање компромиси, стратегии и желби за задоволување на лични интереси. Таквите пораки имаат сериозен потенцијал да го одвлечат вниманието од суштинските политички прашања и да ја еродираат довербата на граѓаните.
Денес, во современата македонска политика, дволичноста станува сè поочигледна: јавниот наратив на моќ и одлучност често не се совпаѓа со задкулисното однесување. Кога симболиката на лидерот се користи за прикривање компромиси и молби, таа ја губи тежината, а довербата на Албанците, Македонците, Турците, Власите, Србите и целата јавност воопшто се еродира. Јазот помеѓу реториката и реалните постапки ја открива слабоста на долгогодишното владеење на ДУИ. Кога големите ветувања не се поткрепени со дела за општо добро, туку за лични и лукративни интереси, расте разочарувањето и се отвора простор за нова политичка опција.
Али Ахмети повеќе не може да се соживува со улогата на „орел“. Пораките што го поврзуваат „орелот“ со политички метафори за противниците го деградираат симболот на гордост и независност. Јавноста гледа дека зад заканите стојат молби, а зад симболиката компромиси за лични или за интереси на малкумина. Тоа е суштината на политичката дволичност: јавен приказ на сила и одлучност, приватно барање спас. На современата политичка сцена, ваквата појава ја открива реалната природа на лидерството и ја истакнува потребата од нов пристап и доследно водена политика и управување со цел зајакнување и зачувување на унитарниот карактер на државата, а не нејзино разнебитување.
29.09.2025 Проф д-р ЈОВЕ КЕКЕНОВСКИ