На покана на холандскиот и чилеанскиот министер за надворешни работи, попладнево во Њујорк учествував на министерска тркалезна маса посветена на „Промоција и заштита на човековите права преку реформата на ОН 80“, напиша на Фејсбук министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.
Во моето обраќање нагласив дека, во година кога одбележуваме 80 години од основањето на Обединетите Нации, покрај значајните достигнувања и огромниот придонес на организацијата, сè уште се соочуваме со сериозни предизвици кои директно влијаат врз целосното уживање на човековите права – вооружени конфликти, климатски промени, технолошка трансформација, дезинформации, растечка нееднаквост и миграција. Како активна земја-членка на Советот за човекови права за периодот 2025–2027 година, подвлеков дека ќе останеме посветени на зајакнување на вистинскиот дијалог и поддршка на сите иницијативи насочени кон унапредување на независноста, одговорноста, ефикасноста и ефективноста на Обединетите Нации, истакна Муцунски.