Колумни колумна

Вештачка интелигенција не помага при природна глупост

Вештачка интелигенција не помага при природна глупост

Живееме во време кога одредени ликови така остроумно „сфатија“ дека со вештачката интелигенција ќе ја надоместат својата природна глупост. Математиката е едноставна. IQ од 74 плус IQ 140 од интернет и си имате IQ 214. Аирлија! Збогум глупавост, добредојде генијалност!

Време кога СДС неинвентивно, нелогично и по навика „смисли“ дека колку повеќе луѓе умираат, колку пожари повеќе ќе ја изгорат Македонија, толку повеќе гласови ќе добијат. И оп, трагедија по трагедија, тие галантно се враќаат на власт. Збогум опозицијо! Не се битни семејствата, пријателите, јавноста уште помалку. Битно е тие да си се вратат во фотелјите. Уште понебитно чии судбини злоупотребувате. Била тоа Росица, Кочанската трагедија, биле тоа некогаш Нешковски, Младенов, Тамара. Традицијата е долга, а некрофилската математика кратка (во гласови). Оти не сфаќаат пустите СДС пиарџии дека тие времиња се минато, дека интернетот кој толку многу го злоупотребуваа им се враќа како бумеранг, дека веќе никој „не пие нафта“. Дека се прочитани како „селски буквар“. Одамна…

Првите, кои паѓаат во несвест од „придобивките“ на вештачката интелигенција и ја користат како доктор, советник за брачни проблеми и аберџија за инвестиции, треба да сфатат дека си имаат работа со еден малку пософистициран „чичко Гугл“, кој сега, замисли, да ти зборувал. Колку и да е интересен и ви сублимира податоци, ви црта и решава животни проблеми, не е на одмет малу да го употребите и сопствениот мозок. Каков и да е. Вака, ќе ви закржлави и она што го има, колку и да го има…

Вторите политиканти, пак, за промена, нека се фатат за работа. Нека смислат и напишат некоја програма, макар и останала на хартија. Нека прошетаат малу на терен, меѓу народ, нека видат што мисли и што му треба на пустиот. Нека престанат да ги злоупотребуваат туѓите несреќи, биле тоа убиства, пожари, какви и да е стихии. Може и да им речат на терористичките коалиционери и да не ги палат истите. Иако, и тие гарант дремат на компјутер по цел Божји ден чатувајќи со истатата таа „ВИ“. Најчестото прашање на Бихаќка до „ВИ“ било: „Како да се вратиме на влaст. Аман!“

Ок. Првите, можеби и ќе ги употребат мозочињата. Потешко е, бара да мислите, ама вреди да се проба…

Вторите, знаеме дека нема шанси да се откажат од злорадоста. Вака е полесно, а кога си „најубав, најумен и роден да владееш“, не оди да се симнуваш на нивото на „немиените“, па да мислиш, да работиш, да даваш идеи, да правиш програми, да одиш на терен, да се мачиш ко црн ѓавол за да ја оправиш државата. Чуму, кога може по цел ден да чмаеш пред компјутер, на телефон и во партија, да бистриш политики и да „дрвиш“ за тоа што треба и како треба да се направи.

И лешинарски да чекаш да умре некој за да направиш прес-конференција и да испратиш некој ајван од 10-ти ешалон на терен, пред МВР, се разбира. Или пред Влада, пред кое и да  е министерство. Колку и да нема врска со умот кажаното, колку и да инсинуација, шпекулација, колку и да не држи вода…

Ова како кога Ѓуро од „Топ листа надреалиста“ правеше тропкалка за бебиња со паднати заби на родителите кои ги ставаше во метална конзерва од пиво и „промуќурно“ заклучи, „Колку помалку заби има во вашата глава, толку вашето дете е посреќно“ („Што је мање зуба у вашој глави, то јe ваше дете среќније…“)

И не, не е битно што проблемот е кај оние од „распупеното“ судство што ти како партија си ги натокмил на позиција. Макар ни на крај памет не требало. Уште понебитно е што истите тие судии и обвинители не ги бива за „криво онакво“, за ПРАВда, уште помалку. Најнебитно што поради нив и примерот нивни такви работи се случувале, се случуваат и штотуку ќе се случуваат. Јок. Битно е да ја искаљаш власта, Да ги оцрниш оние „будали“ што се дрзнале да работат и да средуваат. Твоите се секогаш во право, најмногу кога не се. А ти, та ти не можеш да плукаш по твоите судии, тоа му доаѓа како да си пукаш во нога, да ја сечеш гранката на која седиш, oсобено кога истите копуци ти се отстапница…

Живееме во држава во која „сидрото кое не’ влече напред“ не е само Пендаровски. Тој веќе  е историја. Гротескна. Сидрото кое не влече надолу е таа комуњарска оставштина, таа бедна групировка од судии и обвинители, банда која не дозволува да одиме напред, заштитничка орда која и покрај стоте илјади глупости, ќе си седи таму само затоа што некоја комуњара од СДС ги наместила на функција, недопирливи хохштаплери аздисани и заглавени  во сопствената неспособност, каста поради која општеството нон-стоп го игра тешкото, со повеќе чекори назад, отколку напред. Атавизам, ѓоамити опавче кај човек…

И не се чудете зошто арамиите од СДС и ДУИ не се во затвор. Не се прашувајте уште колку млади девојки и момчиња ќе треба да умрат за да тие дојдат на власт, биле тоа Росици или Фросини, чии џелати харале по Скопје или Велес заради подмитливоста и неспособноста на некои судии и обвинители. Тука е и трагичниот случај на Теодора од Тетово, Викторија од Радовиш, Гоце од Тетово, чичко Слободан од Скопје, премногу срцепарателни примери, премногу семејства завиени во црно кои бараат правда за своите најблиски, но не ја добиваат…

Време е за ремонт, крајно време. Време кога светот си игра со вештачка интелигенција, која не може да ја надополни природната глупост. Време кога Македонија „си игра“ и се гњави  со вештачката правда (*читај неправда) насадена од СДС/ДУИ, ултра-неспособна сурија која ни на сон не може и ниту сака да го надополни хроничниот  недостиг на систем во државата. Од секое гранче свирче не бива, исто како и правда од партиски натопорени судии со лепливи рачиња.

Бизарната прикаска за дел од денешните деца кои одат на курсеви за четири јазици, три инструмента и два спорта. А не знаат да кажат ДОБАР ДЕН…

To top