Со сечење на џиновската пастрамајлија на шеталиштето „Ванчо Прќе“ почна 17. издание на манифестацијата штипска „Пастрамалијада“. По тој повод во Штип присуствуваше вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, како и пратениците во Собранието, Никола Мицевски и Душко Иванов.
Николоски истакна дека ваквите настани и манифестации се значајни за локалните економии, кои со посета од страна на граѓаните ќе значи влез на неколку милиони евра во градот и за бизнисите.
– Мислам дека градоначалникот прави одлична работа. Сакам да му честитам за ова што го прави досега и убеден сум дека следниот период ќе има уште поголеми успеси и работи. Посакувам убава дружба и убави моменти да имаат не само штипјани, туку сите кои ќе ја посетата манифестацијата, изјави Николоски.
Тој истакна дека Владата продолжува да го поддржува Штип, а бројни инфраструктурни проекти се во реализација во делот на патната мрежа, како и во делот на канализициски и водоводни мрежи и во делот на образованието.
– Работиме и големи проекти, знаете дека интензивно се работи на браната Отиња, но исто така и на целосна урбанизација околу браната. Она што е Мавровското езеро за западна Македонија треба да стане браната Отиња за источна Македонија. Штип покрај универзитетски, бизнис центар стане и туристички центар за овој дел на Македонија и во таа насока е урбанизацијата на делот околу бањата Кежовица и таму има голем туристички потенцијал. Така што навистина имаме големи планови за Штип, дел се реализираат, дел се во процес на реализација и секога тука доаѓам со задоволство и заедно со пратениците и градоначалникот работиме на реализација на проектите, вели Николоски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов посочи дека во наредните два дена Штип ќе биде домаќин на голем број гости од земјава, но и од странство.
– Она што сакам да го потенцирам Штип наредните денови ќе има прилив на средства кои ќе ја поддржат локалната економија, всушност тоа е суштината на одржување на „Пастрамалијадата“, како манифестација. Така да се надевам и убеден сум дека штипјани во наредните денови ќе бидат добри домаќини и дека ќе ги угостиме сите посетители не само од другите градови, туку и од другите држави, рече Јорданов.
Тој додаде дека соработката со Министерството за транспорт и врски и со Владата е голема, а воедно се заблагодари на вицепремиерот, а кој не само на отварањето на манифестацијата, деновиве ќе биде присутен и на многу други настани, кои ќе се организираат во Штип, во насока на развој на нашиот град.