Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска беше во работна посета на Полициското одделение Мирковци при СВР Скопје. Со раководниот кадар и полициските службеници министерот разговараше за тековните активности и предизвиците со кои се соочуваат тие во обезбедување на сигурноста и безбедноста на граѓаните од овој крај.
-Со подрачјето кое го покрива ова одделение има реално зголемување на фреквенцијата на луѓе како постојани или повремени жители, туристи или сопственици на викендички. Во таа насока да излеземе во пресрет и да можеме целосно да ја гарантираме безбедноста на граѓаните и нивниот имот со новата систематизација планирана со новиот Закон за внатрешни работи планираме реструктуирање на ова полициско одделение со засилување на неговите човечки и оперативни капацитети. Раководството на министерството е посветено на целосно унапредување на работните услови на полициските службеници преку обезбедување на нова опрема, униформи, возила и дигитализација на процесите со цел унапредување на севкупната ефикасност на македонската полиција, подвлече министерот Тошковски.
Воедно, министерот Тошковски ги посети и полициските службеници кои постапуваат по оперативната акција „Гора“ во делот на Скопска Црна Гора и работат на откривање и спречување на криминални активности како криумчарење и бесправна сеча на дрва. Во наредниот период Министерството уште поинтензивно ќе работи на сузбивање на криминалот поврзан со бесправна сеча на шумите.