Од денеска до 12 септември во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид ќе се одржува 12. Македонско-северноамериканска конференција за македонистика.
Конференцијата е под покровителство на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е организирана во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, од каде што информираат дека годинава ќе учествуваат еминентни странски македонисти, слависти и балканисти, меѓу кои Виктор Фридман, Кристина Крамер, Кит Браун, Грејс Филдер.
-Со своите колеги од Македонија тие ќе разменат идеи, резултати и искуства, претставувајќи ги своите истражувања поврзани со широк спектар теми од областа на македонистиката. Македонистичките проучувања опфаќаат различни дисциплини, па така на овие конференции се изложуваат теми од областа на македонистиката во поширока смисла: проучувања на македонскиот јазик и на македонската книжевност, но и на историјата, археологијата, етнологијата, антропологијата, социологијата, културата, уметноста, фолклорот и др., соопшти Деканатот на Филолошкиот факултет при УКИМ.
Со ова издание на конференцијата, се додава во соопштението, „се продолжува повеќе од тридецениската традиција на соработка меѓу научниците од северноамериканската и македонската академска средина, започната со одржувањето на првата конференција одржана во 1991 г. на Универзитетот Мичиген во Ен Арбор, САД.
-Конференцијата се одржува на секои три години, наизменично во Македонија и во Северна Америка, со цел да се продолжи и да се продлабочи соработката меѓу научниците и истражувачите од двете страни, соопшти Филолошкиот факултет „Блаже Конески“-Скопје.