По натпреварот на прес-конференцијата зборуваше селекторот Благоја Милевски. Тој не го криеше задоволството за сигурниот триумф и ги пофали своите фудбалери.
„Да му честитам на противникот за сè она што проба да го направи вечерва. Честитки за нашите фудбалери и имам само да кажам – секоја чест, за секој од нив. Секоја чест за сериозноста, пристапот и се останато. Не изгледавме така како што изгледавме случајно, имавме максимален респект кон противникот и тоа се виде во играта. Лихтенштајн одигра колку што му дозволивме ние. Од самиот почеток и до крајот Македонија доминираше во сите сегменти, а ривалот имаше многу малку простор. Следниот натпревар со Белгија е за нас најважен, подготовката кај нас секогаш е иста без оглед дали противник е Лихтенштајн, Белгија или Казахстан .Главната цел ни беше да останеме на првото место, а тоа е постигнато. Ме радува начинот на кој ги постигнавме головите, начинот на кој играчите се однесуваа на теренот и изразија почит за противникот.
Секако дека сум задоволен од резултатите и моменталниот пласман на табелата, но не застануваме тука, уживавме во секој натпревар и ќе уживаме и понатаму. Резултатите ме прават горд, но на крај на денот никој не може да ни го земе правото да сонуваме пласман на Светското првенство. Ништо друго не не интересира, освен наша игра и задача.
Сакам на сите македонски граѓани да им го честитам празникот 8 септември“, изјави Милевски.
Во октомври играме два натпревари од квалификациите, прво на 10 ѝ гостуваме на Белгија во Гент а потоа три дена подоцна сме домаќини на Казахстан.