Свет Европската новинска редакција

Брунер: Ние решаваме кој ќе може да дојде во ЕУ, а кој не

Во областите каде што ја засиливме нашата соработка, гледаме значителен пад на нерегуларните пристигнувања (на мигранти), како што се Западниот Балкан со пад од 95 проценти и Централниот Медитеран од 60 отсто од 2022 година, додава Брунер.

Брунер: Ние решаваме кој ќе може да дојде во ЕУ, а кој не

Сега е моментот Европската Унија да размисли за лекциите научени во текот на изминатата деценија по големиот миграциски бран од 2015 година и да го регулира понатамошното пристигнување на мигранти од трети земји, изјави еврокомесарот за внатрешни работи и миграција Маркус Брунер за Европската новинска редакција (ЕНР).

– Мислам дека најголемата лекција што ја научивме е дека во Европската Унија од 27 земји членки, миграцијата е прашање на кое мора заеднички да се одговори. По десет години преговори, воспоставуваме современ миграциски систем кој ја враќа контролата врз тоа кој може да дојде во Европа, а кој не, наведе Брунер во писмен одговор на прашања на ЕНР.

Тој смета дека 10 години по бегалската криза од 2015 година, ЕУ спровела значајни политички реформи, вклучително и новиот Пакт за миграција и азил, но дека сепак нерешени остануваат многу предизвици, особено оние поврзани со нееднаквата распределба на товарот на мигранти и постојаниот прилив на нови баратели на азил.

– Овие предизвици јасно покажаа каде лежат слабостите во нашиот систем за азил и ние се справуваме со нив, вели Брунер.

Тој потенцира дека во очекување на стапувањето во сила на новиот Пакт за миграција и азил во јуни 2026 година, ЕУ работи на поефикасно враќање на илегалните мигранти и на зајакнување на соработка со трети земји низ кои минуваат мигрантските рути.

– Во областите каде што ја засиливме нашата соработка, гледаме значителен пад на нерегуларните пристигнувања (на мигранти), како што се Западниот Балкан со пад од 95 проценти и Централниот Медитеран од 60 отсто од 2022 година, додава Брунер.

Според него, ЕУ мора да продолжи да се ангажира со третите земји преку кои минуваат мигрантите, но и со нивните држави на потекло и да обезбеди решавање на миграциските прашања преку создавање сеопфатни партнерства за визната политика, трговијата и развојната помош.

– Знаеме дека миграцијата не започнува ниту завршува на нашите граници, па затоа треба да го засилиме нашиот ангажман со трети земји во целосен пристап кон управувањето со миграцијата. Овој пристап, исто така, овозможи интензивирање на оперативната работа со партнерите што опфаќа целосен опсег на соработка поврзана со миграцијата и раселувањето – справување со основните причини, заштита на бегалците и ранливите мигранти и поврзаните предизвици, зајакнување на управувањето со границите, спречување на нерегуларните влегувања и справување со трговијата со луѓе или шверцувањето мигранти, зголемување на бројот на враќања, реадмисијата и реинтеграцијата, истакнува Брунер.

Тој смета дека Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс) со својата техничка и оперативна поддршка одиграла значајна улога во поддршка на заштитата на надворешни граници на ЕУ, особено со измените на нејзиниот мандат во 2019 година

– Сакаме да одиме понатаму и повторно ќе го ажурираме мандатот на Фронтекс за да се осигураме дека граничната агенција на ЕУ е опремена за иднината. Присуството на тимовите на Фронтекс на терен активно придонесува за свесност за ситуацијата и ги поддржува земјите во нивната должност да ги заштитат надворешните граници на Унијата, додава Брунер.

Според него, ЕУ мора да изгради доверба кај луѓето дека има контрола врз она што се случува во Европа, па затоа мора да ја менаџира миграцијата на фер и цврст начин и да воспостави јасни правила за тоа кој може да влезе, да остане и кој мора да ја напушти Унијата.

– Кога станува збор за нашите надворешни граници, нема „ако“ или „но“, сепак човековите и фундаменталните права мора да се почитуваат. Тоа е она што не прави Европејци, изјави Брунер за ЕНР.

To top