Анутин Чарнвиракул денеска е избран за премиер на Тајланд, победувајќи го кандидатот од семејството Шинаватра, кое некогаш доминираше на политичката сцена, со што се стави крај на политичката криза во земјата.
Анутин со 247 гласа од 429 пратеници во Долниот дом е избран за премиер.
Тој изминатите години беше составен дел од тајландската политика, стратешки позиционирајќи ја својата партија Бхумџаитаи меѓу завојуваните елити, обезбедувајќи го своето место во низа коалициски влади.
Неговата победа над ривалот Чаикасем Нитисири е понижување за владејачката партија Феу Таи, некогаш незапирлива популистичка сила под влијание на милијардерот Таксин Шинаватра, кој синоќа се врати во Дубаи, каде неколку години живее во самонаметнат егзил.
Кризата со Феу Таи почна во јуни, кога Анутин ја повлече својата партија од владината коалиција.
Победата на Анутин на парламентарните избори е резултат на договор со прогресивната опозициска Народна партија, најголемата партија во Парламентот. Анутин победи ветувајќи дека ќе одржи референдум за уставните измени и ќе одржи избори во рок од четири месеци.
Политичкиот ветеран кој некогаш ја водеше градежната компанија на неговото семејство, Анутин (58), претходно беше заменик-премиер, министер за внатрешни работи и министер за здравство.
Анутин ќе предводи малцинска влада на која Народната партија нема да ѝ се придружи. (МИА)