Општина Битола доживува силен прогрес во секоја сфера од општественото живеење. Никогаш повеќе не се градело и никогаш повеќе не се посветувало внимание на големи, значајни проекти кои се од огромна важност за жителите на општината. На саемот на градоначалници, градоначалникот Тони Коњановски и неговите соработници ги претставија најзначајните проекти за изминатите 4 години, што е и повод за денешното интервју со првиот човек на општина Битола.

1.Господине Коњановски, зад Вас оставате 4 годишен градоначалнички мандат, но Вие сте кандидат да ја предводите општината и во следните 4 години. Кои се Вашите согледувања за работата на општина Битола во изминатиот период, откако Вие ја предводите локалната самоуправа?
– Кога ќе се завртам зад себе и кога ќе направам ретроспектива на изминатите 4 години, во кои се реализирани стотици проекти кои донеле подобар живот во општината и подобри услови за граѓаните, не можам а да не бидам горд. Оставам мандат со четири години посветена работа во интерес на граѓаните и тоа само може да ми претставува поттик за уште подобра и поквалитетна работа во иднина. Со уште посилно темпо ќе продолжам да работам и во следните четири години. Сега Битола е едно огромно градилиште, од кој агол и да погледнете. Во следниот мандат, очекувам дека ќе дојдат резултатите со кои ќе се заокружат најголемиот дел од сегашните проекти и од еден град кој пред само неколку години беше слепо црево, Битола ќе си го врати својот препознатлив сјај. Битола и битолчани го заслужуваат тоа.
2. Во Вашата програма ветивте булеварски влезови во градот, како капитални проекти, кои ќе бидат ново, современо лице на Битола. Во моментов се гради влезот од страната на Прилеп, а нов лик има и влезот од страната на Охрид. Колку се значајни овие проекти?
– Веќе споменав дека сликата за еден град се добива од првите впечатоци за влезот во градот. Водејќи се од таа премиса, еден од капиталните проекти во мојата програма беше влезот во градот од страната на Прилеп. На улицата „8ми Септември“ се изведува грандиозно булеварско решение од 1,3 километри на потегот од „Лук Оил“ до самиот влез во градот кој е означен со таблата за влез во Битола. Делницата која се реализира, не е само нов коловоз, туку комплетен булеварски влез со ширина од 27,5 метри, односно ширина на двата коловози од по 7,5 метри, со урбано уредена површина која ќе ги разделува двата коловози, со пешачки и велосипедски патеки од 5,5 метри по страните. Досега се изведена повеќе од половина од влезот, односно првите 800 метри, на кои што е завршено асфалтирање. Влезот во градот веќе има сосем друг лик, а по целосното завршување на проектот, битолчани и сите останати посетители и гости, ќе добијат влез достоен за убавината на градот под Пелистер. Проширувањето и асфалтирањето на влезот во Битола од страната на Охрид, кај населбата Довлеџик, донесе нов лик за влезот во градот од оваа делница. Со комплетната дореализација на проектните активности предвидени за овој дел на градот кои опфаќаа и реконструкција на мостот, Битола има нов современ булеварски влез од страната на Охрид.
3. Во програмата за работа за Вашиот четиригодишен мандат, една од главните заложби беше да се овозможат достоинствени услови за пожарникарите. Зошто сметате дека овој проект заслужува да се нарече капитален?
– Територијалната противпожарна единица во Битола е најстара на Балканот и датира од 1836 година. Овој факт сам по себе дава доволно голема тежина, изградбата на новата зграда да се нарече капитален проект, која ќе им овозможи современи услови за нашите пожарникари. Досега, реализирана е првата фаза со средства од буџетот на општина Битола во вредност од 52.824.773,00 денари, на парцела од 3300м2, со корисна површина од 1600 м2. Втората фаза, за која е објавен тендер за јавна набавка преку грантот на Министерството за одбрана на САД, опфаќа дел на архитектура, со кој објектот ќе биде целосно адаптиран и енергетски ефикасен со намена за својата дејност. Преку грантот ќе се уредат канализациониот и водоводниот систем, механички инсталации за греење и ладење на објектот, електрични инсталации, партерно уредување, патна инфраструктура соодветна за пристапот на возилата од сервисна улица СТУ 9, потпорни ѕидови, сообраќаен проект со соодветна предвидена сигнализација, како и противпожарни инсталации за заштита на самиот објект. Вредноста на договорот за грант е во висина од околу 1 милион американски долари. Уште еден значаен момент е фактот дека Територијалната противпожарна единица, покрај општина Битола, ги опфаќа општините Могила и Новаци. Нашите пожарникари, кои речиси секојдневно се на терен во одбрана на општината од пожари, заслужуваат повеќе од она што досега го имале како услови за работа.
4. Инфраструктурно, направени се голем број сообраќајници. Граѓаните позитивно реагираат на нив, но за дел од реализираните проекти има и критики. На критиките, секогаш се обидувате да одговорите, па дури и доколку општината нема вина, да ги исправите нештата во позитивна насока. Колку Ви е важен гласот на народот?
– Гласот на народот е главната моја сатисфакција и мерка за сработеното. Кој што работи, само тој може да згреши. Лесно е да се критикува и да се напаѓа, но доблесно е да се признае дека во Битола никогаш повеќе од сега не се градело, не се работело и не се правело за севкупниот живот во градот, вклучувајќи го и спортот, културата, социјалата итн. Ќе посочам неколку примери: Изградбата на улицата „Крушевска Република“, како важна сообраќајна артерија во градот, во должина од 490 метри, донесе поврзување на улицата „Македонска фаланга“ со улиците во АРМ. Оваа улица е клучна за поврзување на сите објекти во новата населба, овозможува пократок пат на движење кон античкиот локалитет Хераклеа, граничниот премин со Грција, а од друга страна обезбедува намалување и растеретување на сообраќајот на улицата „Партизанска“. Олеснување во сообраќајот донесе и новиот кружен тек кај Ветеринарната станица, каде што се случуваа одредени проблеми при изградбата. Граѓаните реагираа, а постоечките проблеми, од страна на изведувачот се надминати. Денес, оваа локација, особено по поставувањето на споменикот на Александар Турунџев, плени со својот лик и е нова гордост за Битола. Улицата Бурса, која е уредена на барање на бизнис заедницата и со која имаме одлична соработка, исто така имаше проблеми, кои настанаа поради одредени недоследности во изведувањето. И тука, по реакцијата на граѓаните, а во соработка со изведувачот, улицата беше санирана. Ќе повторам, се работи транспарентно, отворено, во интерес на народот и оттука, секоја нивна забелешка ја примам како конструктивна и како предизвик да се добие најдоброто за битолчани.

5. Битола стана вело-град, со реализацијата на проектот за изградба на велосипедски патеки. Колку е за Вас значаен овој проект?
– Битола доби велосипедски патеки во должина од над 5 километри, со една заокружена велосипедска целина. Радоста на граѓаните е доказ и моја најголема сатисфакција, дека овој проект навистина им беше значаен на жителите на Битола. По бројни долгогодишни барања на граѓаните за вело инфраструктура во Битола, општината одлучи со сопствени средства да го реализира овој проект, откако претходно во Советот не беше поддржан проектот за изградба велосипедски патеки, со средства од ЕУ, во рамките на проектот „Smart4You2“. Ова е значаен чекор во реализацијата на долгорочната стратегија за одржлив транспорт и урбана мобилност во Битола. Со комплетирањето на вело-патеките во должина над 5 километри, Битола прави значаен исчекор во модернизација на сообраќајната инфраструктура, во насока на еколошки и здрав начин на движење низ градот, притоа обезбедувајќи простор за велосипедисти, но и реконструирани тротоари за пешаците.
6. Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола доби официјална потврда од УЕФА и на 9 септември ќе биде домаќин на квалификацискиот натпревар за Европското првенство, во кој репрезентацијата на Македонија до 21 година ќе се соочи со селекцијата на Италија. Колку за Вас како градоначалник, ова претставува успех на полето на спортот, со оглед на фактот дека Битола е домаќин на еден ваков натпревар од светски ранг?
– Неизмерно сум среќен што во еден мандат, заедно со мојот тим, успеавме да постигнеме ваков историски напредок за спортот во Битола, особено за фудбалот. Деновиве, Општина Битола во соработка со ФФМ работат на исполнување на условите дадени од УЕФА, за одигрување на меѓународниот натпревар на 9 септември за селекциите до 21 година, помеѓу Македонија и Италија. За речиси 40-на денови се реализира инвестиција вредна околу 1.000.000,00 евра, од кои поддршката на ФФМ надминува 150.000,00 евра, со што стадионот доби значителни подобрувања и современ изглед. Поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ, тоа е современ ЛЕД семафор. Дополнително, теренот е обновен со механизација и лица ангажирани од федерацијата, со што е обезбедена максимална подготвеност за претстојниот натпревар. Со вложувањата и направените интервенции, стадионот „Петар Милошевски“ ги исполнува европските стандарди и станува домаќин на натпревари од високо ниво. Тоа беше нашата заложба за иднината на спортот во Битола. Претходно, за време на мојот мандат, со седишта е комплетирана изградената северна трибина на стадионот „Петар Милошевски“, која е организирана во редови со 4618 места за посетители, 144 места за почесни гости, кабини за новинари (12), кабини за коментатори (2) со 8 места. Во соработка со Фудбалската Федерација на Македонија, поставени се рефлекторите со што
стадионот доби можност за ноќни натпревари, каде што веќе се играат натпревари под рефлектори, согласно пропишаните стандарди. Ваквата опременост и функционалност на стадионот, овозможи одржување на два големи настани: „The stars symphony“, со која се отвори 16 издание на Битолското културно лето „БИТ ФЕСТ“ во 2024 година и неодамнешното гостување на светската мега ѕвезда, Армин Ван Бурен. Да напоменам дека санацијата на јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“ е проект за кој Општина Битола доби финансиска поддршка од Владата на Република Македонија, преку првиот повик за инвестициии во инфраструктура во 2024 година.
7. Ја споменавте финансиската поддршка од Владата и поддршката во двата повици за капитални проекти, преку Унгарскиот кредит. Општина Битола, особено во вториот повик, имаше најголем број на проекти од сите општини во државата. На што се должи таа бројка?
– Би сакал да ја потенцирам огромната поддршка којашто ја имавме во делот на унгарскиот кредит од Владата, бидејќи никогаш сме немале таква финансиска поддршка до сега. Со овие два повици Битола има доби проекти во вредност од 15 милиони евра, што е голем поттик да работиме на проекти кои сега ги имаме. Битола во вториот повик, објавен годинава е лидер со 65 проекти, додека во првиот повик во 2024 година, добивме 16. Од првиот повик се работи на речиси сите проекти, а голем дел од нив се при крајот на реализацијата. Ќе го споменам училиштето „Стив Наумов“, кое по првиот повик доби средства за реконструкција на фасадата со нова, енергетски ефикасна фасада, а овој проект е во завршна фаза. Ја менуваме структурата во градот, бидејќи, знаете, Битола е град со големо староградско јадро, каде што за секоја документација е потребна посебна дозвола од Министерството за транспорт и не е така едноставно и брзо да се променат канализационите или водоводните мрежи. Сепак и покрај тоа, извршена е промена на голем дел од водоводната и канализационата мрежа во критичните места, а покрај тоа, направивме улици во должина од над 50 километри во изминатите 4 години. Во вториот повик, акцент е ставен на голем број училишни игралишта и спортски сали, така што, верувајте, со реализација на сите овие проекти, Битола дефинитивно си го враќа својот препознатлив сјај и белег на градска убавица.
8. Високо на Вашата агенда како градоначалник се и проектите за заштита на животната средина и енергетската ефикасност. Реализиравте многу на ова поле, а меѓу останатото, Битола доби и нов, современ парк во населбата Довлеџик. Колку е предизвик да се работи на овие полиња?
– Да, навистина е предизвик во денешно време да се работи, но и да се има резултати, особено на полето на заштита на животната средина. Потребата од урбано зеленило, надополнето со соодветни содржини, беше иницијален момент за изградбата на нов парк во Нова Битола. Место, кое што претходно беше целосно запуштено, сега претставува локација на која постојано спортуваат, рекреираат, се забавуваат лица од најразлична возраст – од најмали до највозрасни. Паркот има сопствено хортикултурно уредување, поставена е урбана опрема, спортски реквизити и осветлување. И навистина е радост, кога навечер, надополнето со светлината од игралиштето во ОУ „Елпида Караманди“, ќе го видите ова катче како простор за сите генерации. Дополнително, во рамките на проектот „ЕУ за чист воздух“, кој општина Битола го реализира преку UNOPS, засадени се голем број садници на оваа локација од различни видови, што дополнително го оплеменува просторот и со дрвја. Овој парк е само мал дел од се она што успеавме да направиме, обновиме, засадиме, исчистиме и оплемениме во нашиот град. Нашата околина е дел од нас и од нашето здравје, од здравјето на нашите деца и затоа, сите заедно треба да го одржуваме она што е направено и да се грижиме за нашето опкружување. Во однос на енергетската ефикасност, Битола навистина стана препознатлив град на Балканот со сите досегашни реализирани проекти. Преку проектот „Сончеви училишта“, поставени се фотоволтаични електрични централи на 6 основни училишта во градот и во руралните средини, а веќе поставивме фотоволтаици на подрачното основно училиште Даме Груев во селото Долно Оризари, бидејќи за нас е важно руралните средини да имаат исти услови за раст и развој на децата, со цел да се намали миграцијата град-село. Се предвидува годишна заштеда на електрична енергија во овие училишта од околу 17.000 евра. Со средства од Министерството за образование, поставени се фотонапонски централи на три средни училишта во градот. Во тек е постапка за реконструкција на фасада на ОУ Стив Наумов со нова енергетско ефикасна фасада, преку првиот повик од Владата. Очекуваме наскоро да бидат одобрени нови 4 проекти за енергетска реконструкција и можности за поставување на фотоволтаици на 4 други училишта во градот. Ќе посочам уште еден пример – на почетокот на учебната година го посетив ОУ „Крсте Петков Мисирков“ во с. Бистрица, каде што остварив средба со родителите и директорката на училиштето. Училницата која во изминатиот период беше предмет на политички шпекулации е целосно санирана, а родителите посочија дека е потребна промена на дограмата во училницата, како и набавка на клима уред. Овие барања ќе бидат реализирани во најбрз можен рок, со цел учениците да учат во подобри и поквалитетни услови. И во ова училиште во тек е изработка на проект за енергетска фасада и дограма, а тука продолжува проектот за изградба на спортска сала, како приоритет за здрав физички развој на младите генерации. Исто така, Општина Битола во два наврати субвенционираше поставување на енергетски фасади за индивидуални колективни домувања – згради, постари од 30 години. За мене како градоначалник, јасна е потребата од енергетската ефикасност и заштедата на електричната енергија во јавните објекти, што е и наша одговорност. Во таа насока, ќе продолжам да работам и во следните 4 години.

9. Намалувањето на бројот на листа на чекање за упис во детските градинки беше една од најзначајните залагања во Вашиот мандат. Ќе имаат ли битолчани наскоро нови капацитети за згрижување на нивните деца, а при тоа и за намалување на долгата листа на чекање?
– Градинката во населбата АРМ, во овој мандат беше изграден до фаза карабина со поставување на надворешна столарија во вредност од 43.437.100 денари, а за заштита на објектот од подземни води беше изведен дренажен систем во вредност од 4.781.739 денари, кој беше и најголемиот проблем во однос на изградбата на овој објект. Во тек е реализацијата на внатрешните работи, меѓу кои ѕидарски, подополагачки и инсталациски работи, со кои објектот целосно ќе биде завршен, а ќе биде опфатено и партерно уредување, изработка на ограда и потпорен ѕид. Градинката во поранешните простории на Домот за деца без родители се очекува да проработи наскоро, се чека последната контрола од комисијата на Министерството и истата ќе се стави во употреба. И на ова поле, локалната самоуправа ја потврдува својата заложба за проширување на капацитетите на детските градинки и создавање нови места за згрижување и воспитување на најмладите.
10. Битола е град, во кој доаѓаат многу гости. Град, кој особено во лето е посетен од домашни и странски туристи, град кој мами воздишки кај минувачите по Широк Сокак, особено навечер. Направивте навистина Битола да наликува како Виена. Дополнително, културата се чини дека како никаде во земјава, најмногу е застапена во градот под Пелистер. Создадовте нови брендови, нови фестивали, ја поместивте скалата на вредности на многу високо достижно ниво. Колку сте задоволни од постигнатото на ова поле?
– Истакнувањето на автентичноста на битолската архитектура, по која градот е препознатлив насекаде низ светот, во насока на зголемување на туристичката понуда е дел од моите приоритети. Во соработка со ЈП „Комуналец“, беа поставени украсни рефлектори на повеќе фасади по Широк Сокак каде што постоеја технички услови за нивно функционирање. Со овој потег, Битола доби нов изглед на „Широк Сокак“, кој постојано ги воодушевува сите посетители. Да, навистина е така и неретко во нивните коментари, прошетката низ најпознатата амбиентална улица ја опишуваат со зборовите „Битола како Виена“. Во мојот мандат, заедно со мојот тим и вработените во општината, ја издигнавме Битола високо на мапата на културната понуда. Од срамежливо прво издание, денес Зимската приказна е препознатлив туристички зимски производ на градот, посетен од голем број на домашни и странски гости. За секого има по нешто – од најмлад до највозрасен, забава, музика, игра, настани, детски претстави, препознатливи производи…..едноставно, овој фестивал е вистинска зимска бајка на овие простори, со кулминација на дочекувањето на Новогодишната вечер. Бит Фест не само што се издигна високо по своите критериуми и донесени содржини, туку годинава заврши спектакуларно со настан кој ги воодушеви сите, па дури и оние кои директно не присуствуваа, туку ја почувствуваа раскажаната приказна низ боите на илуминацијата на Офицерскиот дом. Битола живее со културата постојано, 365 дена во годината, не само во лето или во зима. Големиот број фестивали, гости, настапи на врвни музички и театарски имиња, се само показател дека е огромно задоволство и чест за секој изведувач, да настапи пред битолската публика. За културата и културните настани кои беа изведени во изминатите 4 години од мојот мандат, би можел да раскажувам со денови. И како заклучок на самиот крај би издвоил дека градот живее, младите се радуваат, а всушност, тоа е и нашата цел. Да ги задржиме, да ги привлечеме со нови успешни приказни, со зајакната економија, со добра инфраструктура, со здрава животна средина, со услови овде да ги растат своите деца, а ние да се радуваме на нашите внучиња. Да им дадеме достоинствен живот не само на младите, туку и на сите жители на општина Битола. Да се гордеат на својот град, на успесите на своите сограѓани, а јас како градоначалник, да продолжам да го реализирам зацртаниот пат за поуспешна и поубава Битола.