Трошоците за плати во јавниот сектор во Романија во првите шест месеци од годината се зголемиле за 10 проценти во споредба со истиот период минатата година, иако според нацрт-буџетот требало да бидат намалени за 5 отсто, соопшти премиерот Илие Боложан на прес-конференција.
– Поминаа два месеца откако владата стапи на должност. Буџетската ситуација се покажа многу посериозна отколку што претпоставувавме, рече тој и направи преглед на досега спроведените реформи.
– Првиот усвоен пакет реши дел од проблемите. Вториот, внесен во парламентот вчера, ги намалува привилегиите во јавниот сектор, имено преголемите плати и пензии. Тој ја враќа и способноста на државата да собира даноци од оние што ги кријат, потенцира романскиот премиер.
Боложан објасни дека вториот пакет, кој вклучува пет предлог-закони, требало да биде дополнет со шести – реформа во јавната администрација, но тој не бил претставен во парламентот бидејќи коалициските партнери не постигнале договор.
– Без негово усвојување, ние во пракса не го користиме потенцијалот на локалната јавна администрација, која е ’рбет на романската јавна администрација, и не го намалуваме важниот сегмент од трошоците што романската држава веќе нема да може да ги поднесе во следните години, истакна политичарот.
Тој илустрираше со графикон што би значело намалување на позициите во локалната јавна администрација за 40 проценти – бројка на која инсистира, но што предизвика судир со партнерите во коалицијата.
– Во моментот во локалната администрација во Романија има 189.777 вработени. Ако се примени намалувањето од 40 проценти што го предлагам, крајниот број би бил 126.862. Тие, меѓутоа, ги вклучуваат и празните позиции. На тој начин ефективно намалените вработени би биле 13.098, односно 10 проценти. Од вкупно 3.228 административно-територијални единици, само 1.655, односно половина од општините, ќе треба да кратат работни места и да се преструктуираат, објасни Боложан.
На прашањето дали навистина ќе поднесе оставка ако коалициските партнери не постигнат договор за кратење на персоналот во јавната администрација и реформата не биде изгласана, премиерот одговори дека партиите од коалицијата и претседателот на Романија треба да бидат партнери на премиерот, инаку работите не функционираат.
– Кога имаш четири партии и група на малцинства, не е секогаш лесно да се носат одлуки. Имаме владина програма, врз основа на која ја презедов одговорноста. Но ако договорите и спогодбите не се почитуваат, тоа значи дека е тешко да ја извршуваш функцијата премиер, додаде тој.
На новинарско прашање дали планираната реформа во локалната администрација нема да доведе до зголемување на невработеноста, Боложан одговори дека приватниот сектор во Романија нема доволно работна сила и оти ослободените може да најдат вработување таму.
– Ако не ги намалиме трошоците, нема да можеме да обезбедиме инвестиции со темпото што го посакуваме. Колку побрзо се направат овие кратења, толку повеќе државни пари ќе се заштедат, додаде тој.
Веќе една недела траат расправиите во владејачката коалиција околу реформата на локалната самоуправа. Првично беше предложено буџетот да се намали за 20 до 25 отсто – бројка со која се согласи Социјалдемократската партија, но подоцна премиерот објави дека тоа ќе биде премалку за вистинска реформа и предложи намалување од над 40 отсто. Поради тоа реформата беше одложена за две недели, а премиерот Илие Боложан се закани со оставка. Спорот беше повод за итна средба денеска кај претседателот Никушор Дан на која ќе присуствуваат Боложан и партиите од владејачката коалиција.