Десетици илјади луѓе денеска се собраа во Ханој за да присуствуваат на масовна воена парада по повод 80-годишнината од прогласувањето независност од страна на тогашниот претседател Хо Ши Мин.
Тенкови, лансери за проектили, амфибиски возила и друга опрема поминаа покрај трибините на плоштадот Ба Дин, каде што револуционерниот лидер прогласи независност од француската колонијална власт на 2 септември 1945 година.
По примерот на Американската декларација за независност од 1776 година, Хо Ши Мин прогласи дека „сите луѓе се создадени еднакви“ пред да објави дека нацијата треба да го отфрли „јаремот на францускиот колонијализам“.
Сепак, помалку од два месеци подоцна, Французите се вратија во Виетнам и ја водеа 12-годишната Прва војна во Индокина, пред земјата да биде поделена на Јужен и Северен Виетнам во 1954 година.
На денешната парада учествуваат околу 40.000 луѓе, вклучувајќи 24.000 цивили и 16.000 војници, кои маршираа во формација покрај изложени борбени авиони, хеликоптери, воени бродови и подморници.
Присуствуваа делегации од Русија, Кина, Лаос, Камбоџа и Белорусија. Неколку европски држави ги одбија поканите, а дипломатите наведоа загриженост поради појавување на настан на кој учествуваат руски војници додека трае конфликтот на Москва со Киев, пренесе ДПА.
Во деновите пред годишнината, на улиците на Ханој беа поставени транспаренти на кои се наоѓаше црвено национално знаме и амблемот на Комунистичката партија, срп и чекан, додека многу жители носеа црвени маици со виетнамското знаме.
Виетнам, некогаш меѓу најсиромашните нации во светот, се трансформираше во една од економиите со најбрз раст во светот, произведувајќи електроника, текстил и земјоделски производи како кафе и ориз. Земјата стана клучна производствена база.