Македонија Вклучување на граѓаните во креирање на програмите

Сајкоски: Предложи – вистинската идеја за вашата општина!

ВМРО-ДПМНЕ започнува акција за собирање идеи и предлози од граѓаните за локалните избори, од 27 август до 3 септември

Сајкоски: Предложи – вистинската идеја за вашата општина!

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, денеска најави почеток на теренска кампања под мотото „Предложи! Вистинската идеја за вашата општина!“. Во периодот од 27 август до 3 септември, партијата ќе собира предлози и идеи од граѓаните за проекти кои ќе бидат вградени во програмите на кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори.

Сајкоски нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ секогаш ги слуша потребите на народот и ги преточува во конкретни решенија:

„Идеите и предлозите на нашите сограѓани се наша обврска да бидат претворени во проекти во програмите, а потоа и реализирани од позиција на власт,“ истакна тој.

Според најавата, во сите општини низ државата секојдневно од 17 до 21 часот ќе бидат поставени штандови на плоштадите и прометните места, каде граѓаните на специјални формулари ќе можат да достават свои идеи. Во истиот термин ќе бидат отворени и штабовите на ВМРО-ДПМНЕ, а ќе биде овозможено и електронско доставување преку е-пошта: [email protected].

Сите предлози ќе бидат разгледани од тим експерти, професори и личности со долгогодишно искуство кои ќе имаат задача да ги преточат во конкретни програми со финансиска рамка и рок на реализација.

„Очекуваме масовен одзив на граѓаните, со цел да изработиме што е можно појасни, подетални и содржајни програми, кои ќе произлезат директно од нивните потреби,“ порача Сајкоски.

To top