Младите музички таленти од Крива Паланка, солисти од детскиот музички фестивал „Распеано симитче“, синоќа настапија на програмата на Кривопаланечко културно лето 2025.
Прекрасните изведби на солистите и хорот „Симитчиња“, придружувани од балетското студио „Магија“ беа причината што летната сцена на градскиот плоштад беше преполна.
Со овој настап,според организаторите на фестивалот, Центарот за аудиовизуелни уметности Крива Паланка, се промовираат талентите и локалните музички автори,а воедно публиката се потсетува на најновите рефрени од последното издание на фестивалот што деценија и пол ја збогатува културната сцена во градот.
Ден претходно кривопаланечката публика уживаше во настапот на трибјут на „Бјело Дугме“ – „Бело копче“, од утре започнуваат големите фестивалски програмски содржини по повод Денот на градот: Меѓународен фолклорен фестивал „Св.Јоаким Осоговски“, „Шопско село“ – фестивал на занаети, ракотворби и традиционална храна, се на 29 и 30 август следуваат големите концерти со настапи на популарни балкански музички ѕвезди, Цеца, Саша Ковачевиќ и Мирза Селимовиќ со што ќе биде затворена програмата на годинашното „Кривопаланечко културно лето“.
Организатор на манифестацијата е Општина Крива Паланка, во соработка со институциите од областа на културата од градот, Национална установа Центар за култура и Локална установа Градски музеј Крива Паланка.