Насилството во Сирија може да се разгори во секој момент, предупреди специјалниот претставник на ОН за земјата, Гаир Педешен.
Тој на состанокот на Советот за безбедност на ОН за ситуацијата во Сирија изјави дека транзицијата на земјата по соборувањето на долгогодишниот претседател Башар ал-Асад во декември останува исклучително кревка.
-Насилството во Свеида во голема мера се смири по смртоносните судири во јужниот сириски град минатиот месец, рече Педешен. Во исто време, тој нагласи дека „заканата од обновен конфликт е секогаш присутна – како и политичките сили што го загрозуваат суверенитетот, единството, независноста и територијалниот интегритет на Сирија“.
Длабоките етнички и религиозни поделби во земјата на Блискиот Исток излегоа на виделина по падот на режимот на Асад. На судирите во јули во Свеида, дом на голема заедница Друзи, им претходеа напади во март во крајбрежните области насочени кон алавитското малцинство, на кое му припаѓа семејството на Асад.
На состанокот на Советот за безбедност, Том Флечер, заменик-генералниот секретар на ОН за хуманитарни прашања, ја опиша хуманитарната ситуација во Сирија како ужасна, истакнувајќи дека 16 милиони луѓе низ целата земја – повеќе од половина од нејзиното население – имаат потреба од помош.
Хуманитарните работници мора да бидат заштитени, повика Флечер, известувајќи за напади врз конвои со помош овој месец. Тој, исто така, ја нагласи очајната потреба од повеќе средства, истакнувајќи дека досега се обезбедени помалку од една седмина, или само 14 проценти, од 3,19 милијарди долари што ОН ги побара за оваа година.