Неколку градови во западна Украина рано утринава беа погодени во нов голем руски напад со беспилотни летала и ракети, при што едно лице загина во Л’вов, а повеќе од десет лица беа повредени во регионот, објавија локалните власти.
-Едно лице е убиено, а две се повредени во комбиниран напад со беспилотни летала и крстосувачки ракети во Л’вов“, изјави на каналот Телграм, Максим Козицки, началникот на регионалната воена управа во овој најголем град во западна Украина.
Козицки додаде дека во нападот се оштетени десетици станбени згради.
Во напад врз градот Мукашенко повредени се 12 лица, од кои пет се хоспитализирани, објави на Фејсбук градскиот совет на Закарпатие.
Игор Полишчук, градоначалникот на западниот град Луцк, исто така, објави на Телеграм за „напади со беспилотни летала и ракети“, но не прецизираше дали некој е повреден.
Западна Украина е поретко цел на руски напади отколку истокот и југот на земјата, каде што руските трупи продолжуваат да напредуваат.
Руското Министерство за одбрана објави дека во текот на ноќта во неколку руски региони се уништени „49 украински дронови“.
Украинските воздухопловни сили објавија дека во текот на ноќните напади врз земјата Русија употребила 574 дронови и 40 ракети и дека тие собориле 546 дронови и 31 ракета.
Во последните денови продолжуваат меѓусебните напади во Украина и Русија и покрај интензивните дипломатски напори насочени кон прекин на конфликтот предизвикан од руската инвазија врз Украина во 2022 година.