Пропадна тендерот за Чебрен. Истече рокот во кој грчки Архиродон требаше да стави потпис на договорот за изградба на хидроцентралата. Банкарската гаранција со важност до 31-ви декември не е продолжена.
Министерката за животна средина во телефонски разговор за Сител откри дека е формиран тим од правници кои веќе ги анализираат следните чекори. Меѓу нив и дали ќе се активира банкарската гаранција вредна речиси еден и пол милион евра. Нивните препораки потоа ќе одат на разгледување во Владата.
Грчката компанија претходно поднесе жалба оти условите на тендерот биле поинакви од владината одлука. Побараа измени и не го потпишаа договорот за формирање акционерско друштво со ЕСМ, во кое македонската страна ќе има третина од капиталот.
Голем дел од експертите повикаа Чебрен да не се дава на странци. Преку јавни дебати ги презентираа лошите страни од договорот. Здружението на инженери поднесе пртеставки до неколку институции и до претседателот Пендаровски. Нивниот став беше дека државата има капацитет да го изгради овој проект.
Договорот кој остана непотпишан вели дека Архиродон за 1 милијарда евра треба да ја изгради хидроцентралата на Црна Река, а за возврат да добие две третини од управува во наредните 60 години, како и ХЕЦ Тиквеш.
Чебрен е децениски проект. Првиот тендер за јавно-приватно партнерство за изградба на хидроцентралата се појавува во 2006 година и досега пропаднаа вкупно 13 тендери.