Македонија Објавен оглас

Инвертер клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика издвојува 170 милиони денари за борба против енергетската сиромаштија

Министерството за енергетика ќе додели клима-уреди од најмалку А+ класа на домаќинства со ниски приходи и пензионери, со цел подобрување на животниот стандард и намалување на енергетските трошоци.

Инвертер клими за ранливите семејства – Министерството за енергетика издвојува 170 милиони денари за борба против енергетската сиромаштија

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ја објави новата мерка за поддршка на најранливите категории граѓани преку доделување на инвертер клима-уреди за 2025 година. Целта на оваа владина програма е да се зголеми енергетската ефикасност и да се намалат трошоците за енергија во домаќинствата кои живеат во енергетска сиромаштија.

Со оваа мерка, на граѓаните кои ги исполнуваат критериумите им се овозможува добивање на купен и вграден инвертер клима-уред со моќност од 3.5 kW и енергетска класа од најмалку А+, со што ќе се подобри квалитетот на живеење преку поефикасно греење и ладење на домовите.

Кој може да аплицира?
Право на пријавување имаат:

Домаќинства со ниски месечни приходи, кои поради недостапност до основни енергетски услуги не можат да одржат соодветни услови за живеење;

Домаќинства каде единствениот приход доаѓа од пензија со износ понизок од просечната пензија во земјава.

Програмата предвидува конкретни прагови за месечни приходи, според бројот на членови во домаќинството. На пример, едночлено домаќинство со месечен приход до 25.000 денари или пензионерско домаќинство со приход до 15.700 денари може да конкурира за добивање уред.

Вкупно 170 милиони денари за субвенции
За реализација на оваа мерка се предвидени вкупно 170 милиони денари, од кои:

120 милиони се наменети за домаќинства со ниски приходи;

50 милиони за домаќинства чии приходи потекнуваат исклучиво од пензија.

Секое домаќинство може да поднесе само едно барање, а изборот на корисници ќе се врши по принципот „прв дојден – прв услужен“, сѐ до исцрпување на предвидените средства.

Како да се аплицира?
Барателите треба да поднесат барање на соодветен образец, достапен во архивата на Министерството или на веб-страницата www.energy.gov.mk. Апликациите се поднесуваат во затворен плик по пошта или лично на адресата на Министерството: „улица Македонија, бр. 27, 1000 Скопје“.

Потребни документи:

Фотокопија од лична карта,

Доказ за составот на домаќинството,

Последна сметка за електрична енергија,

Изјава заверена на нотар.

Рокот за аплицирање е 60 дена од објавувањето на јавниот оглас во дневен весник.

Мониторинг и транспарентност
По изборот, Министерството ќе ги објави списоците на корисници на својата веб-страница. Ќе се спроведе и мониторинг во домовите на добитниците за да се осигура правилната употреба на добиениот уред. Монтирањето на уредите ќе се спроведе преку јавна набавка, а евентуалната демонтажа на постоечки клима-уред ќе биде на трошок на корисникот.

Важно:
Граѓаните кои веќе имаат добиено слична субвенција за клима-уред или печка на пелети во последните пет години, или живеат во станбен објект приклучен на системот за централно греење, немаат право да аплицираат.

To top