Свет Претседателот што ја водеше Романија од диктатура кон демократија – и назад?

Кој беше Јон Илиеску – спасител на нацијата или сенка од комунистичкото минато?

Херој за едни, контроверзна фигура за други – Илиеску ја обележа романската транзиција од диктатура кон демократија, но остана под сенката на обвинувања до последен здив.

Кој беше Јон Илиеску – спасител на нацијата или сенка од комунистичкото минато?

Кога Николае Чаушеску беше погубен на Божиќ 1989 година, во момент на национален шок и историско пресврт, пред камерите се појави еден старо-нов лик од комунистичката елита – Јон Илиеску. За едни – ослободител. За други – волк во овча кожа.

На 26 декември, само ден по падот на диктатурата, Илиеску ја презеде власта како лидер на новоформираниот Национален спасителен фронт (FSN), а на изборите во мај 1990 стана првиот демократски избран претседател на Романија. Неговото наследство не се сведува само на изборна победа – туку ја отсликува историјата на една нација заглавена меѓу надежта за нов почеток и разочараноста од недовршената транзиција.

Од Москва со љубов – до падот од врвот

Роден во 1930 година, школуван инженер и партиски кадар со диплома од Советскиот Сојуз, Илиеску беше дел од комунистичкиот врв уште во 60-тите години. Но по несогласувањата со Чаушеску, во 70-тите беше маргинализиран, што му донесе еден вид „револуционерски кредибилитет“ кога режимот падна.

Со умерен глас, но цврста рака, Илиеску го симболизираше преминот од авторитаризмот кон плурализам. Неговата појава делуваше смирувачки во хаосот на револуцијата. Но, мирот не дојде без цена.

„Минериада“ – сенка што никогаш не исчезна

Во јуни 1990 година, само неколку месеци по изборот, Илиеску ги повика рударите од долината Џиу да ги растераат студентските демонстрации во Букурешт. Насилството што следеше, познато како „Минериада“, резултираше со смртни случаи, повреди и стотици апсења. Многумина го сметаа за чин на нова форма на репресија – овојпат под демократско знаме.

Од таа точка, неговиот имиџ како „лице на револуцијата“ почна да добива пукнатини. Во следните децении, Илиеску двапати се враќаше на претседателската функција – во 1992 и во 2000 – но никогаш не успеа целосно да се ослободи од сенките на минатото.

Обвинувањата што го следеа до крај

Во 2018 година, Илиеску беше обвинет за злосторства против човештвото поради улогата во настаните од декември 1989. Обвинителите тврдеа дека ширел дезинформации и создал „психоза“ преку медиумите, што довело до хаос и загуба на животи. Во јануари 2025 беше отворен и втор случај – за протестите во 1990.

Ниту еден од случаите не беше затворен до неговата смрт.

Визија за Запад, срце во Исток

И покрај контроверзиите, под водството на Илиеску Романија се движеше кон евроатлантските институции. Членството во НАТО во 2004 и почетокот на преговорите со ЕУ се случија во негов мандат. Но критичарите тврдат дека реформите биле спори, селективни, и често водени од стари структури на моќ.

„Историјата ќе го суди“

Јон Илиеску почина на 95 години, во болница во Букурешт. Веста ја потврди романската влада, која најави државен погреб. Социјалдемократската партија (ПСД), која тој ја основа, го нарече „истакната личност на револуцијата и современата историја на Романија“.

Но други се поскептични.

„Многумина сè уште чекаат правда“, напиша градоначалникот на Темишвар. „А Илиеску ги зеде со себе одговорите на прашањата што сè уште ја прогонуваат нацијата.“

To top