Во потпелистерското село Трново, традиционално по повод Илинден, се одржа 54 Семакедонска средба. Настанот го организираа Матицата на иселениците од Македонија, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија – Битола, Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН и Светскиот Македонски Конгрес.
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, им се обрати на присутните, истакнувајќи ја важноста на поврзаноста со иселениците:
„Нема подобро од родниот крај кој ви подава рака за враќање. Заедно да ја градиме иднината со подобри услови за живот и работа во нашиот град“, нагласи Коњановски.
Тој додаде дека општината ќе продолжи да ги негува културните врски и да соработува со иселениците на проекти од заеднички интерес, како и да ја унапредува меѓународната и меѓуграничната соработка со соседните земји.
Настанот беше збогатен со културно-уметничка програма. Од 2014 година и обединувањето на 34-тата Погранична средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија и 43-тата Светска Македонска Иселеничка Средба во една и единствена Семакедонска средба, општина Битола, продолжува да биде поддржувач на оваа значајна манифестација, како обележје на Битола и нејзините бројни иселеници.