Членовите на културно уметничкото друштво „Илинден“ од Демир Хисар ја добија наградата најдобар ансамбл кој интерпретира традиционална музика и игра, признание што го додели Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови“ кој синоќа заврши во Битола.
Со одлука на жири комисија во која членуваа проф. д-р Владимир Јаневски, проф. д-р Родна Величковска, проф. д-р Мирјана Мирчевска, проф. д-р Беким Рамадани и м-р Христијан Николовски, за најдобар ансамбл кој интерпретира староградска музика и игра беа прогласени членовите на КУД „Распејани струмичани“ од Струмица, награда за најдобра вокална интерпретација доби Јовче Нанев член на КУД „Весели пензионери“ од Пробиштип, додека награда за најкомплетна традиционална носија награда доби КУД „Илинден“ од Струга. Со одлука на жирито, посебно фестивалско признание беше доделено на Димитар Балојани од Битола, илустратор на етно-стрипот „Русалии од Секирник“.
Пред гостите од државата и странство, од фестивалската сцена се обрати градоначалникот Тони Коњановски и истакна дека во изминатите четиринаесет денови Битола живееше денови кои не се мерат со време, туку се вистинска емоција исполнета со пулсот на еден народ кој културата и традицијата ги поставил на пиедесталот на највисоките вредности.
-Боите, звуците и душата на светскиот фолклор одекнаа од најпрепознатливите агли на нашиот град сцена, почнувајќи од Старата чаршија, преку плоштадот „Магнолија“ и Широк сокак, се до Офицерски дом, покажавме дека фолклорот во Битола е жив, длабок, топол ритам што трае и е вистински мост што ги поврзува генерациите и народите, посочи Коњановски.
На синоќешното свечено затворање на фестивалот, директорот на НУ Центар за култура-Битола, Сашо Илковски, на ансамблите од странство им додели пригодни подароци и благодарници, а тие возвратија со презентација на националниот фоклор, но и со македонски избор. Членовите на ансамблот од Лублин, Полска ја испеаја песната „Македонско девојче“, а членовите на ансамблот од Мексико пееја „Вива Македонија“ („Viva Macedonia“), за што од бројната публика добија долготраен аплауз.