Доколку продолжи сегашниот ќорсокак меѓу партнерите во белгиската Влада околу состојбата во Газа, веројатно нема да може да биде избегната владина криза, изјави Конер Русо, лидерот на партијата Напред (Вурајт), која е една од петте членки на владината коалиција.
– Не можам да ветам дека секогаш ќе ја поддржуваме Владата кога сме спречени да го остваруваме сопствениот став, изјави денеска Русо во гостување во утринската програма на Радио 1, кое е дел од јавниот радиодифузен сервис на холандски јазик ВРТ.
Русо истакна дека партијата мора да им остане верна на своите принципи кога станува збор за санкционирањето на Израел и поддршката на цивилите во Газа.
– Во одреден момент, Владата би можела да влезе во криза. Ако некој може да не увери дека ќе им помогнеме на луѓето од Газа со соборување на Владата, ќе го направиме тоа веднаш, додаде социјалдемократот Русо.
За две недели треба да се одржи вонредно заседание на Комитетот за надворешни работи на белгискиот Парламент посветено на ситуацијата во Газа, кое според Русо би можело да биде клучно за идните чекори на Вурајт.
– Нашето трпение има граници. Крајно време е да преминеме од зборови на дела, додаде Русо.
Но за разлика од Русо, лидерот на либералното Реформско движење (МР), кое е еден од партнерите во владината коалиција, Жорж-Луј Буше застапува нагласено произраелски позиции изјави дека во политиката нема место за емоции.
– Јас сум татко. Кога ги гледам сликите од Газа секој ден, си мислам: Што ако јас бев на нивно место? Тоа е трагедија. Но, во политиката емоциите не смеат да го надвладеат разумот. Затоа поддржувам признавање на Палестина, само ако се исполнат одредени услови, и се спротивставувам на санкции против Израел, изјави Буше.
Изјавата на Буше следуваше откако вчера неговите четири коалициски партии го поддржаа предлогот на опозицијата за свикување на вонредна седница на парламентарниот Комитет за надворешни работи во време кога Парламентот е на колективен годишен одмор, на која би се расправало за заострување на позицијата на Белгија кон Израел.