Под мотото „Гледајте филмови, нема каде да се бега“ од 7 до 10 август во Струга ќе се одржи деветтото издание на фестивалот за краток филм „Drim Short 2025“.
Главните проекции, како што соопшти тимот на Дрим Шорт, ќе се реализираат во Паркот на поезијата, а останатата програма на повеќе локации низ Струга.
– Ценејќи ги и славејќи ги оние кои создаваат филмови на кои се проектираат отсечоци од минатото до иднината, веруваме дека вербата во убавото што го нуди уметноста, e борба против хаосот на светот. Кога во реалноста не постои утеха, филмот е портал кон срцето, каде сѐ уште владее силата на разумот. Во време на егзистенцијално неизвесни секојдневија, филмските уметници не престануваат да измислуваат есенцијално поубави светови. А, бидејќи секој филм се создава да биде виден и да допре, тогаш улогата напубликата е да гледа филмови и да дозволи да биде допрена, или во контекст на денешниот поредок, да дозволи да биде спасена, соопшти организаторот.
Најавуваат дека гостите и публиката ќе има уникатна можност за средба и разговори за филм со еден од најважните кинематографи во светот Флоријан Хофмајстер и со бардот на македонското и балканското глумиште, Никола Ристановски, кој ќе одржи мастерклас.
– Фестивалот ќе се одвива во четири фестивалски денови, со пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјална програма насловена „Соочување со минатото“. Овогодишното жири го сочинуваат филмски професионалци: Јелена Јованова, актерка; Никола Ристановски, актер; Гвидо Казале, режисер; и Бранко Ристовски, монтажер и продуцент. Натпреварувачката програма ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува вечер на холандски филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со Еко свест и специјална ВР програма на кратки филмови, стои во информацијата.