Македонската нација е исправена пред духовна и морална криза. Длабоко навлезени процеси на обезличување, насилен глобализам, отуѓување и разнебитување, ги разнишуваат темелите на нашето национално и духовно постоење. Потребна е целосна духовна мобилизација за обнова на вредностите, свеста и идентитетот.
Затоа, ова не е колумна како секоја друга, туку обид за воспоставување “дијагноза“ на она што ни се случува и она против што мораме да се бориме доколку сакаме, едноставно, да опстанеме како македонска нација. Поинаку, ќе бидеме избришани од постоењето.
Многу видливи и, верувам, од многумина препознаени закани, се глобалистичките агенди што го напаѓаат традиционалното семејство, верата и моралот; одумирањето на патриотизмот и народната духовност; разединување, културна дехристијанизација и отуѓеност; загуба на достоинство, љубов кон татковината и грижа за иднината. Со еден збор – филозофија на проживеан ден, што побезбрижно, оддадено на највулгарен хедонизам и, отворена битка до истребување, за материјални богатства. Без почит кон стореното до сега од нашите претци и, без желба да се стори што и да е за идните поколенија…
Затоа, час поскоро, од Македонија треба да создадеме духовна тврдина на вредности, вера, вистина, љубов и братство. Да се избориме за обновена и освестена нација која ќе стои исправена пред светот, со длабоки корени од минатото и силна волја за иднината.
Па, мораме да се свртиме кон Бог, верата и татковината; да создадеме нов вредносен поредок заснован врз љубов, чест, одговорност и посветеност; да се вратиме кон природата, тишината, молитвата и заедништвото; кон почитување на традицијата и просветлување преку знаење и вера.
ДА ЗАПОЧНЕМЕ КУЛТУРНА И ДУХОВНА НАЦИОНАЛНА МОБИЛИЗАЦИЈА
Да организираме собири и конференции, да ги славиме постојните и да воспоставиме празници кои ги слават духовните вредности; да обмислиме програма за млади со воспитување преку патриотизам, вера и традиција; да воспоставиме платформи за духовна поврзаност; да поведеме бескомпромисна борба против неморалните и деструктивни наративи во медиумите…
Бидејќи, мораме да бидеме свесни дека возобновената духовност не значи нова религија, туку – враќање на душата. Тоа е повик за будење, обединување и подигнување на свеста. И, да разбереме дека Македонија е повеќе од географија – таа е духовна мисла, искра и светлина.
ЕДНОСТАВНО, МАКЕДОНИЈА ЌЕ ОПСТАНЕ САМО АКО СЕ ВРАТИ КАЈ СЕБЕ. АКО ЈА НАЈДЕ СВОЈАТА ДУША!!!
Затоа, ќе ви пренесам една приказна, која еден мој пријател ми ја испрати токму во моментиве додека го пишувам текстов, поучна и вредна за размислување.
ШТО Е БОГАТСТВО ???
Еден ден, еден богат татко решил да го прошета синот низ државата. Сакал да му покаже на синот колку бедни луѓе има и како живеат тие , за да почне да го цени она што го има…
Тие го поминале денот во селска куќа на едно сиромашно семејство. И, на враќање, на пат кон дома, таткото го прашал синот: -Виде ли колку се сиромашни? Што научи?
Момчето одговорило: – Ние имаме едно куче, тие имаат четири, ние имаме базен, тие имаат река, ние имаме најскапи сијалици во ноќта, тие ги имаат ѕвездите. Ние купуваме храна, тие си ја поземаат од земјата околу себе. Ние сме заградени со високи огради и ѕидови за да не заштитат од непријателите, тие се заградени со пријатели од сите страни. Ние имаме купишта скапи книги, тие ја имаат библијата. Тие се среќни.
Па, откако замолчило на кратко, му рекло: – Ти благодарам татко што ми покажа колку сме ние бедни.
Оставам секому да размисли и да извлече поука. Но, едно треба да ни биде јасно – духовните, а не материјалните вредности, се нашето богатство, соживотот со природата, со традицијата, со верата се нашето се’, материјалните и искривените вредности се нашата беда, нашата сиромаштија.
Да се мобилизираме за културна и духовна мобилизација!!! Да се насочиме кон вистинските вредности!!!
Страшо Ангеловски
Претседател на МААК