Израелската војска (ИДФ) денеска соопшти дека нејзиното воено воздухопловство извршило серија воздушни напади врз цели на Хезболах во источниот дел на долината Бека во Либан.
Според ИДФ, нападите биле насочени кон воени објекти на елитната формација на Хезболах, дивизијата Радван, каде што се наоѓале складишта за оружје и оперативци на оваа либанска милитантна група.
„Воените објекти кои беа мета на нападите на израелската авијација се користат од терористичката организација Хезболах за обука и подготовка на терористи за планирање и извршување терористички операции против силите на ИДФ и државата Израел“, се вели во соопштението на ИДФ, пренесува Тајмс оф Израел.
Во соопштението се додава дека оружјето складирано на овие локации и активностите на Хезболах претставуваат очигледно кршење на договорите меѓу Израел и Либан, што се смета за идна закана за еврејската држава. ИДФ истакнува дека силите Радван на Хезболах имале задача да извршат инвазија на Израел, подготвувајќи се со години за оперативен план под кодно име „Освојување на Галилеја“.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека овие напади се „јасна порака“ до Хезболах, кој планира да ги обнови своите капацитети за инвазија на Израел преку силите Радван, но и до либанската влада, која е одговорна за почитување на договорите.
– Ќе го нападнеме секој терорист и ќе спречиме секоја закана за жителите на северот и за државата Израел, одговарајќи со максимална сила на секој обид на Хезболах да ја обнови својата моќ, предупреди Кац.