За една година, со напорна работа, со визија и со домаќински пристап, ја враќаме државата на нозе – дел по дел, институција по институција, систем по систем. Еден од тие столбови што го гради новото време, што ги поставува темелите на промените, е токму Царинската управа, рече во своето обраќање претседателот на владата, Христијан Мицкоски.
Интегрален текст од обраќањето на претседателот на владата Христијан Мицкоски
Податоците сами по себе многу говорат.
Во текот на изминатата година, наплатени се приходи, како што кажа и директорот во висина од над две милијарди евра, а тоа се 105 милиони евра повеќе отколку во истиот период претходно. Тоа не е случајно. Тоа е резултат на принципиелна работа, на раководење без калкулации, на борба со сивата економија и корупцијата, и на јасна политичка определба – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови.
Затоа, денес растат приходите од царина како што кажа и директорот за 15,2 проценти, од акцизата растат за 7,1 процент итн.
Знаеме што значат овие бројки – тоа значи повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта и за иднината на нашите деца. Тие пари до вчера завршуваа во сивата економија. Денес се враќаат кај народот.
Но се отвори и борба против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките кои се споменаа дека до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал, поднесени се 181 кривична пријава. Тоа е речиси четири и пол пати повеќе во однос на годината претходно. Тоа е сигнал дека институциите конечно работат. Не затвораат очи, туку дејствуваат.
Ова не се само бројки. Ова е доказ дека Македонија се буди, дека системот конечно проработува. Ова е потврда дека ги градиме темелите на промените.
Особена благодарност упатувам до директорот на Царинската управа, господинот Бобан Николовски, и до целокупниот тим кој ја води оваа институција со знаење, одговорност и непоколеблива решителност да се спротивстави на секоја неправда, на секоја злоупотреба и на секој што се обидува да работи спротивно на законот.
Истовремено дозволете ми да се заблагодарам на сите членови на Владата коишто ја подржуваат работата на оваа институција, бидејќи оваа институција е од клучно значење за државата.
Граѓаните го препознаваат новиот пристап. Знаат дека не ветуваме чуда, туку работиме секој ден – од рано наутро до доцна навечер – за да изградиме систем кој не зависи од партиски книшки, туку од правда, отчетност и еднаквост.
Секако, знам дека многу работи допрва нè чекаат. Свесен сум за тешкотиите што ги носи секојдневието. Но исто така сум убеден дека времето на Македонија доаѓа. И тоа време ќе го создадеме со чесна и посветена работа. Не со лаги, не со криминални договори, туку со дела и резултати.
Овој извештај на Царинската управа е токму тоа, доказ за промена.
Денес, не правиме само отчет. Денес, праќаме порака: Македонија знае да се справи со предизвиците.
Знае да се бори. И знае да победи.
Време на одговорност, правда и напредок.
Време кога институциите не служат на поединци, туку на народот.
И нема да застанеме.
Ниту еден ден нема да биде изгубен.
Секој ден ќе биде нов чекор кон новата иднина која ја градиме – чесна, силна и просперитетна држава.
Ви благодарам и нека се множат успесите на Царинската управа.“