Свет Сојуз

Филипини и Литванија потпишаа безбедносен пакт поради заканите од Кина

Филипинската крајбрежна стража во последниве години е во се поостар конфликт со кинеските власти. Кина употреби водени топови против филипински владини бродови и ги обвини рибарите за нарушување на нејзини „древни“ територии.

Филипини и Литванија потпишаа безбедносен пакт поради заканите од Кина

Филипини и Литванија денеска потпишаа Меморандум за разбирање за воспоставување безбедносен сојуз, како одговор на растечките поморски закани од земји како Кина, соопшти филипинското Министерство за одбрана.

Договорот, потпишан во Манила од министрите за одбрана на двете земји, Гилберто Теодоро помладиот и Довиле Шакалиене, предвидува зајакнување на одбранбената соработка, особено во областа на производство на муниција, сајбер-безбедноста и поморската безбедност.

Министерката Шакалиене изрази загриженост поради, како што рече, создавањето на „авторитарна оска“ меѓу Русија, Кина, Северна Кореја и Иран. Таа истакна дека на овие предизвици мора да се одговори со обединет фронт на продемократските земји.

Во своето обраќање, таа ги посочи агресивните дејствија на Кина кон тајванските и филипинските рибари во Јужното Кинеско Море, простор кој Пекингго смета за свој. Во регионот веќе подолго време постојат територијални спорови во кои се вклучени и Виетнам, Малезија, Тајван и Брунеи.

Филипинската крајбрежна стража во последниве години е во се поостар конфликт со кинеските власти. Кина употреби водени топови против филипински владини бродови и ги обвини рибарите за нарушување на нејзини „древни“ територии.

Пекинг и натаму одбива да ја признае пресудата на меѓународната арбитража од 2016 година, донесена врз основа на Конвенцијата на ОН за морско право од 1982 година, со која беа поништени обемните историски претензии на Кина.

Министерот Теодоро нагласи дека Филипини и Литванија мора да се спротивстават на, како што рече, „сите еднострани обиди за прекројување на поморското право и меѓународниот поредок во корист на новите сили што сакаат да доминираат со светот на штета на помалите нации“.

Договорот со Литванија е дел од поширокиот ангажман на филипинскиот претседател Фердинанд Маркос за изградба на мрежа од безбедносни сојузи меѓу европски и азиски земји, во надополнување на постоечкиот сојуз со САД, со цел зајакнување на територијалната одбрана на Филипини поради кинеските активности во Јужното Кинеско Море. (МИА)

To top