Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган му рече денеска на иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи дека продолжувањето на преговорите со Соединетите Американски Држави за нуклеарната програма на Техеран е единствениот начин за постигнување решение на спорот и конфликтот со Израел, соопшти кабинетот на Ердоган.
На состанокот со Арагчи на маргините на состанокот на Организацијата за исламска соработка во Истанбул, Ердоган рече дека Израел мора веднаш да биде запрен и дека Турција е подготвена да дејствува како посредник во продолжувањето на нуклеарните преговори со САД.
„Треба што е можно поскоро да се преземат чекори за отворање на дипломатијата преку технички разговори и разговори на ниво на лидери меѓу Иран и Соединетите Американски Држави“, рече Ердоган.
Министрите за надворешни работи на земјите од Арапската лига претходно денеска на маргините на состанокот во Истанбул одржаа вонреден состанок во врска со ескалацијата на конфликтот меѓу Израел и Иран, потврдено е од дипломатски извори.
Средбата траеше околу еден час и беше затворена за јавноста.